Песната „Очи ангелски“, една од најпознатите нумери на групата Ареа, добива нов живот и нова димензија во издание создадено во соработка со Young Dadi. Новата верзија беше објавена синоќа, на 29 октомври, само десет дена пред големиот концерт на Ареа во Спортскиот центар „Јане Сандански“, закажан за 8 ноември — концерт кој ќе го одбележи јубилејот од 25 години на легендарниот албум „Врати на имагинација“.
„Очи ангелски“ е песна која уште во 1999 година звучеше пред своето време — композиција што во секое време ја задржува својата емоционална длабочина и препознатлива меланхолија. „Денес, 25 години подоцна, песната добива нова енергија и нова димензија преку соработката со Young Dadi,“ велат од Авалон.
Видео спотот го потпишува TAKAT Studios, со режија на Александра Костадиновска и дирекција на фотографија од Борис Ралев. Во видеото се појавува Мартина Марковска, додека за изгледот на Young Dadi се погрижија Клара Кокев (стајлинг), Bobcut (фризура) и Зорица Николова (шминка).
Новото издание е во продукција на Avalon International Booking © 2025, а фановите веќе го опишуваат како „совршен спој меѓу носталгијата и современиот звук“.
Видео записот е достапен на YouTube: Гледај овде