Арапските држави издадоа заедничка изјава со која ги осудија неодамнешните напади на Иран, по состанокот на министрите за надворешни работи одржан во Ријад. Средбата ги обедини претставниците на повеќе земји од регионот, меѓу кои Бахреин, Кувајт, Либан, Катар, Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати.
Во заедничкото соопштение се наведува дека станува збор за „намерни напади“ насочени кон цивилни области, инфраструктура и дипломатски објекти, што според нив не може да се оправда под никакви околности. Потписничките држави потенцираат дека имаат право на самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на Обединетите нации.
Во изјавата се повикува Иран веднаш да ги прекине нападите, да го почитува меѓународното право и принципите на добрососедство, како и да се воздржи од закани за затворање на Ормуски теснец.
Истовремено, арапските земји ја осудија и, како што наведуваат, израелската агресија врз Либан, критикувајќи ја и неговата поширока политика во регионот.