Апсењето на поранешниот принц Ендру – скандал што може да ја разниша британската круна

Апсењето на поранешниот принц Ендру поради врските со Џефри Епстин претставува еден од најголемите потреси за британската монархија во модерната историја. Аналитичарите предупредуваат дека случајот може да прерасне во длабока криза на круната.

Апсењето на поранешниот принц Ендру поради врските со Џефри Епстин претставува еден од најсериозните удари врз британската монархија во последните децении. Според аналитичарите, станува збор за настан што може да прерасне во длабока институционална криза и да го промени односот на јавноста кон самата круна.

Новинарот од Лондон, Милан Диниќ, оценува дека ова е шокантна вест не само за Британија, туку и за светот, бидејќи ваков преседан не се случил речиси четири века. Последен пат член на кралското семејство бил уапсен во 1647 година, кога бил приведен кралот Чарлс Први. Токму оваа историска паралела му дава дополнителна тежина на актуелниот случај.

Само неколку дена пред апсењето, истражување на агенцијата YouGov покажало дека само 20 проценти од Британците верувале дека принцот Ендру некогаш ќе се соочи со кривично гонење. Поради тоа, веста за апсењето ги изненади дури и оние кои ги сметале обвинувањата за сериозни, но верувале дека кралскиот статус ќе претставува некаква заштита.

Реакциите во Велика Британија беа воздржани и внимателни. И власта и опозицијата, како и најголемиот дел од медиумите, испратија единствена порака – никој не е над законот и институциите мора да ја завршат својата работа без притисок. Во јавноста доминира ставот дека принцот Ендру никогаш повеќе не треба да има јавна улога во британското општество.

Дополнителна симболика доби и утринското интервју на BBC со премиерот Кир Стармер, кој јасно порача дека законот мора да важи за сите и дека секој поврзан со случајот Епстин треба да соработува со истражните органи и во Британија и во САД. Само десетина минути подоцна, BBC објави дека принцот Ендру е приведен, што дополнително ја засили перцепцијата за сериозноста на институционалната реакција.

Во моментов, поранешниот принц се наоѓа во притвор во локална полициска станица. Британските медиуми нагласуваат силен симболички контраст човек кој до неодамна живеел во резиденција со повеќе од 40 соби, сега, според прописите, се наоѓа во полициска ќелија. Овој детал силно одекна во јавноста како порака дека привилегиите престануваат таму каде што започнува законот.

Случајот веќе се опишува како еден од најголемите скандали на кралското семејство во поновата историја. Особено внимание привлече и официјалното соопштение на кралот Чарлс III, во кое тој не го употреби изразот „мојот брат“, туку го именуваше со полно име Ендру Бартон Виндзор. Во соопштението беше изразена загриженост, но и целосна подготвеност за соработка со властите.

Анкетите покажуваат дека околу 64 проценти од Британците и понатаму сметаат дека монархијата е добра за земјата. Но бројките за Ендру се поразителни дури 90 проценти имаат негативно мислење за него, додека само четири проценти имаат позитивен став.

Процесот на негово дистанцирање од јавниот живот трае веќе со години: повлекување од јавни должности, одземање на титули, иселување од кралските резиденции и преселба во Норфолк. Апсењето претставува кулминација на тој пад.

Важно е да се нагласи дека во овој случај не станува збор за обвиненија за злоупотреба на малолетници, туку за сомневања дека како поранешен британски трговски изасланик споделувал доверливи информации со Епстин. Сепак, обемот на запленетата документација од американските власти – милиони документи и стотици илјади фотографии остава простор за нови откритија.

Според проценките на аналитичарите, тешко е да се замисли апсење без сериозни докази. Затоа многумина очекуваат во наредниот период да излезат нови детали што би можеле дополнително да ја компромитираат не само личноста на Ендру, туку и други високо позиционирани фигури поврзани со случајот.

Овој настан не претставува само личен пад на еден член на кралското семејство, туку и сериозен тест за британската монархија тест за нејзината способност да го зачува угледот и довербата на јавноста во време на длабока криза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни