Апсењето на принцот Ендру во Сандрингам отвори ново поглавје во кризата што со години ја следи Куќата на Јорк. Додека истрагата се проширува, сè поголемо внимание се насочува кон неговата поранешна сопруга, Сара Фергусон и нивните ќерки – принцезите Беатрис и Јуџини.
Повлекување од јавноста
Шеесет и шестгодишната Фергусон, поранешна војвотка од Јорк, веќе извесно време не се појавува во јавноста. Последен пат беше фотографирана во септември 2025 година при напуштање на Ројал Лоџ во Виндзор.
Според британските медиуми, таа неодамна престојувала кај пријатели на француските Алпи, а потоа отпатувала во Обединетите Арапски Емирати. Дел од времето минала и со помладата ќерка, Принцезата Јуџин, која службено престојувала во регионот поради ангажман поврзан со уметничка галерија во Доха.
Иако Сара и Ендру се разведени веќе три децении, до неодамна живееја заедно во Ројал Лоџ. По преселбата во Вуд Фарм во Сандрингам, нивната ситуација дополнително се искомплицира.
Апсење и претреси
Полицијата потврди дека маж во шеесеттите години од Норфолк е уапсен под сомнение за злоупотреба на службена положба. Се вршат претреси на адреси во Беркшир и Норфолк, што ги вклучува имотите поврзани со принцот Ендру.
Ова е прво апсење на поранешниот принц, кој со години беше во центарот на контроверзии поради поврзаноста со осудениот сексуален престапник Епстин. Иако веќе беше лишен од јавни функции и титули, правниот притисок врз него продолжува да расте.
Финансиски стравови и спорни пораки
Извори блиски до семејството тврдат дека Фергусон на пријатели им признала: „Морам да се вратам на работа. Ми требаат пари.“
Во јавноста веќе излегоа електронски преписки меѓу неа и Епстајн, во кои таа барала финансиска помош за отплата на долгови дури и по неговото ослободување од затвор. Наводно, таа му упатила и приватно извинување откако јавно го осудила, наведувајќи дека тоа било направено за да ја заштити својата кариера како авторка на книги за деца.
Овие детали дополнително ја нарушија нејзината репутација во Велика Британија, каде што јавниот притисок е сè посилен.
Судбината на принцезите
Во сенка на скандалот се и двете ќерки, принцезата Беатрис и принцезата Јуџини. Иако формално немаат никаква поврзаност со истрагата, нивните имиња повторно се споменуваат во медиумите поради минатите контакти со Епстајн.
Засега тие не се огласиле по апсењето на нивниот татко.
Можен „спас“ од Блискиот Исток?
Кралскиот биограф тврди дека Фергусон би можела да смета на финансиска поддршка од влијателни кругови на Блискиот Исток. Според него, иако во Британија тешко дека повторно ќе бидат прифатени во високото општество, во други делови од светот нејзиниот статус како поранешна членка на кралското семејство и понатаму носи тежина.
Дали тоа ќе значи трајно дистанцирање од британската јавност или обид за нов почеток надвор од Европа – останува да се види.
Во момент кога јавноста бара одговори, Сара Фергусон и нејзините ќерки молчат. Апсењето на принцот Ендру повторно ја отвори најголемата криза за британското кралско семејство во последните децении – а исходот, и правен и личен, сè уште е неизвесен.