Apple подготвува голема трансформација на дигиталниот асистент Siri, кој подоцна оваа година треба да биде заменет со целосен AI чет-бот, објави Bloomberg, повикувајќи се на извештај на новинарот Марк Гурман.
Според информациите, новиот систем со кодно име „Campos“ ќе биде длабоко интегриран во оперативните системи на iPhone, iPad и Mac, заменувајќи го постојниот интерфејс на Siri. Корисниците ќе можат да го активираат асистентот на ист начин како и досега – со гласовна команда или со притискање на страничното копче на уредот.
Редизајнот претставува најсериозен чекор на Apple досега во трката за генеративна вештачка интелигенција, во која доминираат компании како Google и OpenAI. Клучната разлика во однос на сегашната верзија на Siri е што новиот систем ќе функционира како чет-бот, со можност за континуирана интеракција преку текст и глас, слично на ChatGPT.
Гурман наведе дека чет-бот верзијата на Siri внатрешно е позната како „Campos“ и дека најверојатно ќе користи AI модели и инфраструктура од Google, што би значело значително поголема моќ во споредба со верзијата на Siri што Apple планира да ја пушти на пролет и која ќе работи на сопствени сервери на компанијата.
Официјалното претставување на новата Siri се очекува на годинешната конференција за развивачи на Apple во јуни, како главна новина за идните верзии на iOS и macOS, додека комерцијалното пуштање е планирано за септември, период кога компанијата традиционално ги објавува големите софтверски ажурирања.
Во меѓувреме, Apple веќе тестира интерни AI алатки меѓу своите вработени, вклучувајќи чет-бот кој овозможува уредување текстови и развивање идеи. Овие тестирања, според извештајот, ќе имаат значително влијание врз финалната верзија на новата Siri.
Проектот за надградба на Siri се соочувал со повеќе одложувања откако првпат бил најавен во 2024 година. Сепак, извршниот директор Тим Кук во октомври 2025 година изјави дека новата верзија на асистентот останува планирана за 2026 година.
