Apple ги објави финансиските резултати за првиот фискален квартал од 2026 година, кој воедно претставува и најуспешниот празничен квартал во историјата на компанијата кога станува збор за продажбата на iPhone. Иако формално се води како прв квартал од 2026 година, станува збор за периодот што заврши на 27 декември 2025 година, традиционално најсилниот дел од годината за Apple.
Вкупните приходи во овој период достигнаа 143,8 милијарди долари, што претставува раст од 16 проценти во однос на истиот период лани. Нето-добивката надмина 42 милијарди долари, а од компанијата истакнуваат дека главен двигател на ваквиот резултат била „досега невидена“ побарувачка за iPhone.
Приходите од продажбата на iPhone достигнаа рекордни 85,3 милијарди долари, најмногу благодарение на серијата iPhone 17, претставена во септември. Од седиштето на Apple во Купертино соопштија и дека компанијата сега има вкупно 2,5 милијарди активни уреди ширум светот – уште еден историски рекорд.
Одлични резултати оствари и сегментот на услуги, кој забележа приходи од 30 милијарди долари, што е раст од 14 проценти на годишно ниво. Наспроти тоа, одделот за носиви уреди, домашна електроника и додатоци оствари приходи од 11,49 милијарди долари, што претставува пад од 2 проценти во споредба со минатата година.
Продажбата на Mac компјутери забележа пад од 6 проценти, со приходи од 8,39 милијарди долари, додека iPad сегментот оствари раст од 6 проценти и достигна приходи од 8,5 милијарди долари.
