Американскиот технолошки гигант Apple објави дека ќе пресели дел од производството на својот десктоп компјутер Mac Mini од Азија во САД, при што новите производствени линии ќе бидат лоцирани во Хјустон.
Компанијата соопшти дека производството во Хјустон треба да започне до крајот на годината. Овој потег е дел од поширокиот план за инвестиција од 600 милијарди долари во САД во наредните четири години, најавен во август. Во рамки на новиот погон ќе биде отворен и центар за обука на работници за напредно производство, а се очекува проширувањето да создаде илјадници нови работни места.
Политички притисок и царинска неизвесност
Одлуката доаѓа во време на засилени политички притисоци. Американскиот претседател Доналд Трамп во мај ѝ се закани на Apple со царина од 25 проценти за производите што се произведуваат во странство, што означи остар пресврт во дотогашната царинска политика, според која мобилните телефони и дел од потрошувачката електроника беа изземени од дополнителни давачки.
Ситуацијата дополнително се искомплицира откако Врховен суд на САД пресуди дека претседателот ги пречекорил своите овластувања при измената на царините, повикувајќи се на закон за вонредна економска состојба. Трамп веднаш најави нови привремени царини од 10 проценти, кои можат да останат на сила до 180 дена.
Извршниот директор на Apple, Тим Кук, изјави дека компанијата е „цврсто решена да ја поддржи иднината на американската индустрија“.
Производството и понатаму доминантно во Азија
И покрај преселувањето на дел од производството, Apple и понатаму најголемиот дел од своите производи – вклучувајќи ги и iPhone и iPad – ги произведува во Азија, пред сè во Кина. Во последните години, компанијата постепено дел од производството го префрли и во Виетнам, Тајланд и Индија.
Минатата година Apple започна со производство на сервери за вештачка интелигенција во Хјустон, наведувајќи дека работите напредуваат побрзо од планираното. Новата одлука за Mac Mini дополнително ја зајакнува стратегијата за диверзификација на синџирите на снабдување и намалување на зависноста од Кина.