Компанијата Apple сериозно влегува во светот на преклопните уреди. Покрај долгонајавуваниот iPhone Fold, кој според медиумските извештаи би можел да се појави оваа есен, Apple наводно размислува и за втор преклопен телефон со школкаст дизајн.
Информацијата доаѓа од новинарот Марк Гурман од Bloomberg, кој наведува дека уредот би бил сличен по форма на моделите како Motorola Razr или Samsung Galaxy Z Flip. Станува збор за компактен телефон што се преклопува вертикално и лесно собира во џеб.
Сепак, за разлика од iPhone Fold, овој потенцијален „iPhone Flip“ во моментов е само идеја. Според Гурман, уредот е далеку од сигурно дека ќе влезе во сериско производство.
Клучниот елемент во стратегијата на Apple е очекувањето дека iPhone Fold би можел да биде доволно успешен за да создаде интерес и за други преклопни уреди. Доколку тоа се покаже како точна проценка, компанијата би можела со текот на времето да развие цел екосистем на преклопни iPhone модели, со различни димензии и форми, вклучувајќи и поголем „book-style“ уред.
Засега, ништо од ова не е официјално потврдено, а Apple сè уште нема лансирано ниту еден преклопен уред. Сепак, идејата за мал, преклопен iPhone може да биде привлечна за корисниците кои сè уште го паметат и посакуваат компактниот формат на iPhone mini.
