Компанијата од Купертино тврди дека ѝ се наметнуваат деловни услови што се штетни и за програмерите и за корисниците.
„Сметаме дека одлуката на Комисијата и оваа преседанска казна се далеку надвор од она што го наложува законот. Нашата жалба ќе покаже дека Европската унија се обидува да диктира како да ја водиме нашата продавница за апликации, наметнувајќи услови што ги збунуваат програмерите и им штетат на корисниците“, стои во соопштението на Apple.
Европската комисија ја казни Apple затоа што не им овозможил на програмерите слободно да ги насочуваат корисниците кон надворешни опции за плаќање на дигитални добра, надвор од официјалната продавница App Store.
Во сржта на спорот е и толкувањето на правилото што им дозволува на програмерите да ги пренасочуваат корисниците кон алтернативни начини на плаќање. Apple тврди дека Комисијата незаконски го проширила значењето на тоа правило, што сериозно го загрозува нивниот бизнис модел.
Сличен спор се води и во САД, каде што судот годинава наложи на Apple да им дозволи на програмерите да ги упатуваат корисниците кон надворешни страници за плаќање. Тоа може да ѝ нанесе повеќемилијардна загуба на компанијата годишно.