Овој потег доаѓа како дел од напорите на компанијата да го заобиколи новиот бран царини воведени од администрацијата на Доналд Трамп и да создаде залихи на американскиот пазар, кој е еден од најважните за Apple.
Аналитичарите предупредуваат дека цените на iPhone во САД би можеле значително да пораснат поради високата зависност на компанијата од увоз од Кина — каде што царината достигнува дури 125 отсто. За споредба, царината на увозот од Индија изнесува 26 отсто, но таа моментално е суспендирана во рамки на 90-дневна пауза што не важи за Кина.
„Apple сакаше да ја претекне царината“, изјавил извор запознаен со плановите.
Компанијата извршила притисок врз индиските аеродромски власти за да го скрати времето за царинење на аеродромот во Ченај, од 30 на само 6 часа. Овој „зелен коридор“ на аеродромот е налик на моделот што Apple веќе го користи во Кина.
Од март до сега полетале околу шест товарни авиони со капацитет од по 100 тони, еден од нив токму неделава, кога стапија во сила новите царини.
Според пресметките на Reuters, вкупниот товар од 600 тони одговара на околу 1,5 милиони iPhone 14 уреди, заедно со нивното пакување и кабел за полнење, со вкупна тежина од околу 350 грама по уред.
Apple годишно продава над 220 милиони iPhone уреди ширум светот, а според проценките на Counterpoint Research, сега околу една петтина од увозот во САД доаѓа токму од Индија.
Компанијата значително ја зголеми продукцијата во индиските фабрики, вклучително и со проширување на работното време и ангажирање повеќе работници, особено во најголемата фабрика на Foxconn во Ченај. Само во таа фабрика лани биле произведени 20 милиони уреди — меѓу кои и најновите модели iPhone 15 и 16.
Според царинските податоци, вредноста на испораките на Foxconn од Индија во САД во јануари достигнала 770 милиони долари, а во февруари 643 милиони долари — значително повеќе од претходните месеци, кога бројките се движеле од 110 до 331 милион долари.