Apple го купи израелскиот AI стартап Q.ai за околу 2 милијарди долари

Apple ја направи втората најголема аквизиција во својата историја, купувајќи го израелскиот стартап Q.ai. Технологијата овозможува тивка, невербална комуникација со вештачка интелигенција преку очила и слушалки.

Apple го презеде израелскиот стартап Q.ai, кој се занимава со развој на вештачка интелигенција за напредна обработка на звук, во една од најголемите аквизиции во историјата на компанијата. Иако финансиските детали официјално не се објавени, Financial Times наведува дека вредноста на зделката е блиску до две милијарди долари.

Со оваа аквизиција, Apple има за цел да го намали заостанувањето зад конкуренти како Meta, Google и OpenAI, во сè поинтензивната трка за развој на AI носиви уреди, вклучувајќи паметни очила и напредни слушалки.

Невербална комуникација со AI

Технологијата на Q.ai овозможува анализа на микродвижења на кожата на лицето, со што може да се открие што корисникот сака да „каже“ без да изговори збор. Системот може да препознава идентитет, да проценува емоции, срцев ритам, брзина на дишење и други физиолошки параметри.

Според патентите што ги поднел стартапот, технологијата е наменета за употреба во очила или слушалки, овозможувајќи приватна и дискретна комуникација со AI асистент – без говор и без видлива интеракција.

Таквиот пристап би им овозможил на корисниците на Apple да комуницираат со вештачка интелигенција тивко, дури и во јавни простори.
Џони Сруџи, виш потпретседател на Apple за хардверски технологии, изјави дека Q.ai е „исклучителна компанија која ги спојува компјутерскиот вид и машинското учење на нови и креативни начини“.

Тимот на Q.ai се приклучува на Apple

Сите околу 100 вработени во Q.ai, вклучувајќи го извршниот директор Авиад Мајзелс и коосновачите Јонатан Векслер и Ави Барлија, ќе станат дел од Apple.

Q.ai е основан во 2022 година во Тел Авив и досега работел релативно дискретно, без јавно претставен готов производ. Сепак, достапните информации укажуваат дека компанијата развивала технологии поврзани со подобрување на аудио-комуникацијата.

Мајзелс не е непознато име за Apple – во 2013 година тој му го продаде стартапот PrimeSense, чија технологија подоцна стана основа за Face ID, воведен во 2017 година.
„Воодушевени сме од оваа аквизиција, со Авиад на чело, а уште повеќе од она што следи“, изјави Сруџи за Reuters.

Втора најголема аквизиција на Apple

Инвеститори во Q.ai биле Matter Venture Partners, Kleiner Perkins, Spark Capital, Exor и GV (поранешен Google Ventures). GV соопшти дека ова е втората најголема аквизиција што Apple некогаш ја направил, веднаш по купувањето на Beats за три милијарди долари во 2014 година.

Инаку, Apple ретко се одлучува за големи аквизиции, претпочитајќи помали и тивки преземања на технологии што потоа ги интегрира во сопствениот екосистем. Токму затоа, оваа зделка јасно покажува колку е за Apple важно да го фати чекорот во сегментот на вештачката интелигенција.

Компанијата веќе со години ги надградува AirPods со AI-функции, како интелигентно поништување на шум, препознавање разговори и превод во реално време. Купувањето на Q.ai се вклопува во стратегијата за постепено јакнење на AI можностите, особено во областа на звукот и комуникацијата.

Трката за AI носиви уреди

Силиконската долина сè поинтензивно се насочува кон развој на AI носиви уреди. Meta веќе бележи успех со паметните очила Ray-Ban, додека Google и Snap планираат свои модели подоцна оваа година.

Во меѓувреме, дел од инвеститорите се загрижени дека Apple заостанува во AI-трката, особено по одложувањето на унапредената верзија на Siri, која сè уште се смета за послаба во споредба со Google Gemini и ChatGPT. Apple неодамна склучи и партнерство со Google, според кое Gemini моделите ќе се користат за дел од функционалностите во системот Apple Intelligence.

„Отворени сме за аквизиции кои можат да го забрзаат нашиот развоен план“, изјави извршниот директор на Apple, Тим Кук, уште во јули минатата година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни