Според западни медиуми, „Епл“ (Apple) ќе престане да ги продава паметните телефони „Ајфон 14“, „Ајфон 14 плус“ и „Ајфон СЕ“ во Европската Унија.
Овој потег е последица на новиот Закон којшто бара сите нови паметни телефони со жично полнење да користат „УСБ-Ц“ влез што овие уреди го немаат. Како што е познато, тие се полнат преку влез „Лајтнинг“ (Lightning). Овие уреди ќе бидат трајно отстранети од продавниците на „Епл“ до 28 декември. Овластените дистрибутери во ЕУ ќе можат да ги продаваат овие „Ајфон“ уреди сѐ додека не се потрошат залихите. Уште повеќе, иако Обединетото Кралство ја напушти ЕУ во 2020 година, компанијата ќе ги отстрани уредите и од Северна Ирска.
„Епл“ ќе престане да продава и други производи со „Лајтнинг“ влез, како што е „Маџик киборд“ (Magic Keyboard) без „Тач ИД“ технологија.
„Ајфон СЕ“ в година ќе биде заменет со нов модел, така што тука компанијата нема голема загуба.
Споменатите телефони веќе нема да се продаваат ниту во Швајцарија поради истите причини, почнувајќи од 20 декември. Доколку сѐ оди според планот на „Епл“, „14“ и „14 плус“ ќе бидат отстранети од пазарот на ЕУ во септември следната година.