Вечерва арената „Борис Трајковски“ беше преполна со фанови кои уживаа во врвниот концерт на легендарниот метал бенд Апокалиптика, што го организираше Таксират. Како што беше ветено, така и се случи – концертот започна навреме, а финскиот квартет ја презеде сцената со неверојатна енергија и маестрални изведби.
Со своите уникатни инструментални верзии на Металика и песни од нивниот десетти албум, кој моментално го промовираат на светската турнеја, Апокалиптика докажа зошто е еден од најдобрите метал бендови на светската сцена. Ова им е деветта недела од турнејата, а топлиот пречек во Скопје очигледно им остави силен впечаток.
Публиката беше во транс, пееше и аплаудираше без пауза, а сцената – со перфектно осмислено светло и продукција – создаде магична атмосфера. Бендот неколку пати им се обрати на обожавателите, изразувајќи огромна благодарност за енергијата и љубовта што ја почувствувале.
На концертот допатуваа и фанови од целиот Балкан, докажувајќи дека Скопје останува центар на културни и музички настани од светски ранг.
Честитки до Таксират за беспрекорната организација – ова беше концерт за паметење!