Има се повеќе романтични врски меѓу луѓето и вештачката интелигенција, но најновата апликација за вештачка интелигенција е несомнено најбизарната досега. На неа корисниците можат да „разменуваат пораки“ со Исус, како и со многу други ликови од Библијата, меѓу кои Марија, Јосиф, Петар и Матеј, пренесува Religion News.
Апликацијата наречена Text With Jesus е достапна на Apple App Store. Таа е дизајнирана за „посветени христијани кои бараат подлабока врска со најважните ликови од Библијата“, се вели во описот.

Text with Jesus ги користи сите јавно достапни верзии на Библијата. Корисниците можат да разговараат со избрана „личност“ преку разговор што многу личи на апликацијата iMessage на Apple. Вештачката интелигенција ќе одговори со она што мисли дека е најсоодветниот цитат или дијалог.
„Апликацијата поддржана со вештачка интелигенција не тврди дека обезбедува вистински божествени сознанија или поседува каква било форма на божествена свест, туку едноставно го користи својот јазичен модел за да генерира одговори врз основа на широк корпус на библиски и религиозни текстови“, објаснува веб-страницата.

„Целта на апликацијата е да стимулира мисла, да го продлабочи разбирањето на религиозните текстови и да поттикне значајни разговори за верата“.
Catloaf Software е компанија која стои зад апликацијата, а нејзиниот претседател и извршен директор Стефан Питер изјави за Christian Headlines дека апликацијата се базира на широк опсег на јавно достапна христијанска литература, вклучувајќи различни верзии на Библијата на повеќе јазици.
„Разбирам дека концептот на Исус со вештачка интелигенција може да предизвика загриженост или дури и да изгледа богохулно за некои“, призна Питер. „Сепак, Text with Jesus не е наменета да ја замени личната вера или молитва. Тоа е едноставно алатка која ќе им помогне на корисниците да ги истражат теолошките прашања на поинтеактивен и се надеваме пријатен начин“.
Извор: Index.hr