Апелациониот суд Скопје ги одби жалбите на обвинетите како неосновани и ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, со што првостепената пресуда беше преиначена во делот на казните.
Судот им ги зголеми затворските казни на сите 13 осудени лица.
На првообвинетиот Стефан Димовски, осуден за кривично дело „трговија со дете“, казната од 5 години и 6 месеци му е зголемена на 8 години и 6 месеци затвор.
На Дејан Спасиќ казната е зголемена од 4 години и 6 месеци на 6 години и 6 месеци, додека на Димитар Наков од 4 години и 6 месеци на 8 години и 6 месеци затвор.
Тино Илиевски, кој првично беше осуден на 4 години, доби 7 години и 6 месеци затвор, а Савен Неделковски 6 години.
За обвинетите Александар Филиповски, Бојан Филиповски, Антонио Зографски, Трајче Лазов и Ристо Вељанов, казните за кривично дело „полов напад и силување“ се зголемени од 1 година и 6 месеци на 3 години затвор.
Кристијан Тончов, исто така осуден за истото дело, од 1 година и 3 месеци доби казна од 3 години затвор.
На Борче Коцев, кому првично му беше изречена условна казна од 2 години за „прикажување порнографски материјал на дете“, таа е заменета со ефективна казна затвор од 1 година.
Првостепената пресуда беше донесена во ноември 2024 година од Основниот кривичен суд Скопје, кој ги прогласи сите обвинети за виновни за делата: трговија со дете, силување и прикажување порнографски материјал на малолетник.
Според обвинителството, првоосомничениот преку социјални мрежи стапил во контакт со тогаш 14-годишно девојче, кое го довел во заблуда, по што со закани ја принудувал на средби каде била сексуално злоупотребувана.
Настаните се одвивале на повеќе локации во Велес, каде, според обвинението, биле присутни повеќе лица кои учествувале во злоупотребата.
Случајот беше затворен за јавноста, а дел од обвинетите претходно се спогодија со обвинителството.