Марија и Бојан Спасовски секој месец го носат своето синче во главниот град на Хрватска, во надеж дека третманите кои ги добива таму во приватна поликлиника, ќе ја подобрат неговата здравствена состојба. Војдан за еден месец ќе полни три години и има церебрална парализа, што е сериозен предизвик во неговото детство. Семејството веќе два пати успеа да собере средства за третманите на Војдан, благодарение на донациите од хуманите граѓани.
Со оглед дека не се работи за болест која бара операција, туку за состојба, Фондот за здравство не ги покрива трошоците.
Родителите на малиот Војдан Спасовски апелираат до хуманите граѓани да им помогнат, бидејќи како што велат, ефектите од претходните третмани веќе се чувствуваат.
Приказната за животната приказна на овој мал борец,почна пред една година со третмани во Загреб, а сега Војдан ги чувствува придобивките од третманите во Загреб, каде меѓу другото, има физикална терапија и дефектолошки третмани.
Во моментот мајката на Војдан, Марија, користи боледување, односно е ослободена од работа додека детето да наполни три години. Сепак, за еден месец кога Војдан ќе го прослави третиот роденден, семејството ќе се соочи со нов предизвик.
За да продолжат третманите на Војдан во текот на цела 2024 година, ќе бидат потребни околу 28.000 евра.
Таа споделува дека веќе закажала консултација со доктор од Турција за да ја разгледаат можноста за третман со матични клетки, но и тоа ќе претставува потешкотија за семејството од финансиски аспект.
За својот мал јунак вели дека е „чудо од дете“, а неговата насмевка ги турка напред и нејзе и сопругот да се борат за подобро утре.