Апел од НП Шар Планина: Донирајте јаболка и пченка за прихрана на мечките

Националниот парк „Шар Планина“ упати повик до сите љубители на природата да донираат јаболка и пченка од домашно потекло за симболична прихрана на мечките.
Фото: Greg Hume, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Во последните недели се забележува зголемена појава на мечки во близина на населени места, што според управата на паркот, е резултат на намалената достапност на природна храна во нивните живеалишта. За да се намалат несаканите средби со луѓе и да се заштитат и мечките и локалното население, паркот започнува акција за контролирано хранење на мечките на безбедни и оддалечени локации.

Прифатливи се само јаболки и пченка без хемиски третмани, а донациите може да се доставуваат секој работен ден од 8 до 16 часот, во просториите на Националниот парк кај почетната станица за гондолите во Тетово. За повеќе информации, заинтересираните граѓани и компании можат да се јават на 072 239 122.

Со оваа акција, паркот не само што ќе обезбеди храна за мечките, туку и ќе овозможи следење на нивната бројност и здравствена состојба, во согласност со Програмата за заштита и управување со дивечот (2023–2033).

На социјалните мрежи веќе се води дискусија, при што некои граѓани поставуваат прашања околу тоа зошто вакви итни ситуации не се вклучени во буџетското планирање на јавната установа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни