Апел до издавачите да ги поскапат книгите!

На првиот ден од Саем на книгата во Скопје, публиката имаше привилегија да учествува во живата панел дискусија на тема „(Нова) македонска жанровска литература“. Во овој интересен разговор, настапија наши домашни автори: Елена Бошбож, Валентин Нешовски и Зоран Милошевски, модерирана од авторот Јордан Коцевски.

Дискусијата понуди впечатлив поглед во светот на македонската литература, со особен фокус на жанровските дела. Валентин Нешовски, еден од учесниците, ја истакна важноста на квалитетот во книжевната продукција, насочувајќи го вниманието кон потребата за строга селекција и високи стандарди. Споделувајќи ги своите ставови, Валентин привлече внимание кон значењето на квалитетот во книжевната понуда и неговиот ефект врз целосното искуство на читателите.

Зоран Милошевски, вториот учесник на панелот, ја презентираше својата гледна точка за значењето на книжевноста како сигурносен вентил на цивилизацијата, а исто така дискутираше околу прашањето дали жанровската литература е потценета, при што сите учесници се согласија дека таа навистина заслужува поголема примена и внимание.

Истакнати беа и размислувањата околу книжевните награди, каде што Зоран Милошевски и Валентин Нешовски ги споделија своите размислувања, препознавајќи во самите читатели најголема награда. „Не би можел да прифатам награда од некој кој не е упатен во тоа што јас го пишувам“, истакна Зоран.

„Апел до издавачите да ги поскапат книгите“ на крајот поентираше и апелираше Валентин Нешовски, размислувајќи во насока дека вредноста на книгата не е доволно изразена и токму затоа тој смета дека издавачите треба да се договорат и да направат тест со поскапување на книгите за да видат дали има вистински читатели меѓу читателите.

Понтаму Валентин потенцираше дека за да може да има квалитет односно на читателите да им се понудат квалитетни дела мора да има квалитет, строга селекција и високи цени и со тоа не смета дека книгата ќе стане елитистички медиум.

„Ако ме обвините за елитизам, ќе ви речам дека постојат библиотеки, е-книги, аудио книги за оние што не можат да си дозволат“, истакна Валентин на вчерашниот настан.

Зоран Милошевски пак кажа дека не сака да и се случи на жанровската литература она што им се случува на класиците, книги за кои сите зборуваат но никој не ги чита и сподели со присутните дека книжевноста ја доживува како сигурносен вентил на цивилизацијата.

На прашањето дали е потценета жанровската литертура сите панелисти се сложија дека е занемарена. Валентин повторно добро поентираше со реченицата: Сѐ е литература и дека читањето литература трае цел живот! За споредба го зеде филмот и кажа дека тој формат е многу популарен но исто така кажа дека не е доволен и дека се што лесно доаѓа, лесно си оди, односно многу повеќе останува запаметена една книга отколку изгледан филм. Тој исто така нагласи дека белетриститката полека го губи здивот и се надева дека жанровската литература на таа сметка ќе се популаризира малку повеќе.

Дали се исплати од финансиски аспект да бидеш писател кај нас, сите констатираа „не“ бидејќи тој труд не е воопшто платен, односно како што кажа Зоран: „Втора работа ми е пишувањето иако ми одзема најголем дел од времето“, а Валентин дополни:  „Ако може Јерговиќ да се продава во регионот по 25 евра, треба и тука таа цена да ја има, а не 400 или 500 денари“.

Оваа динамична и информативна дискусија остави силен впечаток кај сите присутни, потврдувајќи дека македонската жанровска литература има своја уникатна приказна за споделување со светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни