Антонио Илиоски припаѓа на ретката генерација млади уметници кај кои амбицијата и успехот одат рака под рака со скромноста. Со 55 освоени награди, од кои 46 меѓународни, тој веќе чекори по сериозни светски сцени, но во разговорот остава впечаток на млад човек кој длабоко верува во дисциплината, благодарноста и во луѓето околу себе.
Студира на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во Софија, а неговиот прв албум Beyond the Silence веќе го позиционира како еден од најперспективните македонски виолончелисти.
Во разговор со Трн зборувавме за неговиот прв албум, идните планови, соништата поврзани со најголемите светски натпревари, но и за животот како музичар – за дисциплината, падовите, подемите и за тоа што значи да се остане приземен кога светот почнува да аплаудира.
Трн: Колку награди имаш добиено досега?
Антонио: Вкупно имам добиено 55 награди, од кои 46 меѓународни. Можам да издвојам три важни награди коишто ми отворија пат во посериозните води. Тоа се првата награда на Шопен Институт во Малезија, во Куала Лумпур. Првата награда за уметник на годината во Америка и четвртата награда на чело натпреварот во Загреб, „Антонио Јанигро“, каде што бев исто така прв Македонец на истиот натпревар. Тоа е натпревар со голема и долга традиција. Беше прекрасно да сретнам мои идоли од детството, да ми бидат во жири и да ме критикуваат – за мене тоа беше огромна привилегија и чест.
Трн: Каде го градиш својот музички пат и од кога се занимаваш со музика?
Антонио: Студирам на Националната музичка академија „Професор Панчо Владигеров“ во Софија, во класата на професор Атанас Крстев. Апсолвент сум, последен семестар, а со музика се занимавам од кога памтам за самиот себе.

Трн: Кои беа твоите ментори што те обликуваа како музичар?
Антонио: Професор Атанас Крстев и професор Анатолиј Крстев. Тие се татко и син, коишто се професори на Академијата во Софија, каде што студирам. Во овие четири години, тие ме имаат променето од корен. Ми имаат дадено сè што денес го имам јас, односно ми го имаат дадено принципот и начинот на работа. Мислам дека тоа е најважното во патот на еден музичар, глумец, уметник.
Јас уметник не сум уште, уметник ќе станам на крај на животот. Сега сум челист и музичар, но сум имал прилика да црпам и да учам од изворот на едни од најдобрите ментори и професори коишто биле лице в лице со моите идоли. Така што за мене тоа е чест и привилегија, бидејќи еднаш се раѓа таква шанса во овој живот и не многу челисти ја имале.
Трн: Како се роди идејата за твојот прв албум „Beyond the Silence“?
Антонио: Јас почнав да работам со „Баги комуникации“, со менаџерот Владимир Мандичски – Манде и Бранка Костиќ Марковиќ. Неговата прва идеја за мене како музичар беше да извадам свој албум. Ако не се лажам и сите наши информации се точни, Beyond the Silence е првиот чело албум снимен во пригода да биде авторски албум.
На него се наоѓаат сонатите на Јоханес Брамс и Клод Дебиси. Насловот на албумот е Beyond the Silence или на македонски „Над тишината“. Пијанистката на албумот е Јана Лолова, со која активно концертираме и музицираме во изминатите три-четири години.
Трн: Каде се одржа првата промоција на албумот и кога следува концертната?
Антонио: Имавме слушачка промоција во „Аудио Култура“, каде што имаше присутни многу драги луѓе од музичкиот свет, мои колеги и професори, поранешни професори од средното и основното училиште.
Концертната промоција ќе се случи во Македонската филхармонија на 28 април, во склоп на Скопскиот градски фестивал.
Трн: Каде ти било најдраго да настапуваш досега?
Антонио: Во Македонија најдраго ми било да настапувам во Македонската филхармонија. Ќе имам повторна шанса на 28 април, по повод концертната промоција на Beyond the Silence со пијанистката Јана Лолова. Од настапите во странство, подеднакво ми се драги сите.
Трн: Кој музичар бил твоја инспирација и со кого би сакал да соработуваш?
Антонио: Не е виолончелист, не е ни класичен музичар, ама е Македонец и е Диме Поповски. Дефинитивно, една од поголемите желби ми е соработка со Влатко Стефановски. Покоен е, но мислам дека би било многу добро со Џејмс Браун и можеби „Оејзис“.
Трн: Дали својата иднина ја гледаш во Македонија или надвор од неа?
Антонио: Мојата кариера од моите рани години се градеше надвор од Македонија. За жал или за среќа, не знам. Луѓето околу мене се задоволни и среќни со мене и целата поддршка што ми ја даваа беше без резерви.
Без разлика на тоа каде сум, како сум одлучил, многу сум грешел, многу сум успеал, не успеал, сум паѓал, сум станувал. Никој не знае понатаму како ќе се одвиваат работите. Да, ова е мојот дом – Македонија, но животот носи неочекувани работи и одиме со него.
Трн: Кои се најубавите аспекти од твојата работа и на што најмногу се гордееш?
Антонио: Мислам дека најважното нешто што сум го научил досега како музичар е дисциплината. Внатрешна дисциплина и животна дисциплина.
Понатаму е тоа да не дозволувам ситници да ми го уништуваат денот, бидејќи една грешна нота не е фактор поради кој треба да ги занемарам другите десет илјади ноти. Исто и во денот – еден лош момент не треба да го пресуди остатокот од денот.
Најгорд сум на тоа што имам правилни, добри, насмеани и среќни луѓе околу мене и мислам дека без нив ниту еден чекор од ова досега не би бил возможен.
Трн: Која награда би сакал да ја освоиш следно?
Антонио: Понатаму, се гледам како еден од освојачите на некоја награда или етапа на „Куин Елизабет Компетишн“. Тоа е најголемиот натпревар во светот за виолончело и мислам дека во наредните четири години ќе ја имам шансата да се квалификувам таму и да застанам меѓу најдобрите на светот.
Трн: Дали можеме да очекуваме нов албум во иднина?
Антонио: Апсолутно да. Јас во овој процес на снимање на албумот многу напреднав и лично, и психички, и на инструментот. Со самото тоа што на албумот ти си апсолутно гол, така кажуваме, апсолутно искрен и чесен кон самиот себе и кон својата работа.
Иако на мојот прв албум има класична музика, отворен сум апсолутно за сè понатаму. Како што споменав, моја голема желба е да снимам нешто со Влатко Стефановски, па и некои евергрини македонски. Така што мислам дека имаме доволно музика, музичари и луѓе кои се квалитетни и вредат, се искрени пред самите себе и се уметници кои оставиле голем белег во нашата историја.
Трн: Ако не виолончело, кој друг инструмент би го избрал?
Антонио: Можеби би одлучил да пеам, не да свирам. Многу сум се воодушевувал на Павароти, на Андреа Бочели и така натаму. А челото е еден од инструментите чиј тембр, боја и звук е најблизок до човечкиот глас.
Трн: Која порака би сакал да ја испратиш до публиката?
Антонио: Сакам да им кажам на луѓето повеќе да се смеат, повеќе да сакаат, да следат вистински уметници, вистинска музика, вистински музичари. Да одат во театар, да одат на опера, да одат на претстави и да не се занимаваат со толку неважни работи како политика. Да си слушаат музика, да одат на свирки, да сакаат и да се насмеани – тоа ми е еден убав момент што му недостасува на Скопје и на Македонија.