„Антолог“ објави уште три сликовници од украински автори

Од „Антолог“ велат дека станува збор за прекрасни сликовници кои ја носат магијата на украинската детска литература до македонските читатели

Издваачката куќа „Антолог“ информира дека на македонски јазик објави уште три сликовници од украински автори

Издавањето е со поддршка од Програмата за поддршка на преводи Translate Ukraine.

Од „Антолог“ велат дека станува збор за прекрасни сликовници кои ја носат магијата на украинската детска литература до македонските читатели:

Тарас Прохаско и Марјана Прохаско – „Кој ќе го направи снегот?“
Ова е прва книга за деца на Тарас Прохаско, инаку потврден украински автор кој е добитник на наградите „Детска книга на годината BBC“ и „ЛитАкцент на годината“ (2013). Книгата раскажува за близначките кртчиња Полже и Мурка, кои откриваат нови авантури и ја запознаваат магијата на пријателството, грижата и домашната удобност. Книгата на прекрасен начин нè потсетува дека светот е секогаш поголем и поубав отколку што можеме да го видиме од нашиот сопствен агол.

Олександр Шатохин – „Подарок“
Во оваа топла новогодишна приказна, Зајачето го следи мистериозниот подарок кој паднал на неговиот покрив. Преку патувањето за откривање на сопственикот, читателите ќе уживаат во божиќното чудо и магијата на соништата кои се остваруваат.

Олександр Шатохин – „Најсреќното лавче“
Лавчето сонува да стане музичар, но неговиот татко сака да стане крал на ѕверовите. Оваа приказна ги поттикнува децата да ги следат своите соништа, да се борат за нив и да ја откријат убавината на самостојното истражување на светот.

Сите три книги се исполнети со живописни илустрации и внимателно разработени приказни кои преку магијата на зборовите поттикнуваат љубопитност, креативност и љубов кон природата и животот. Преводот од украински на македонски јазик го направи Вера Чорниј-Мешкова.

За авторите:

Тарас Прохаско (1968) е украински писател и новинар, дипломиран ботаничар, добитник на повеќе книжевни награди. Автор е на десетина книги за деца и за возрасни.

Марјана Прохаско (1976) е преведувачка и илустраторка, со прва книга за деца како коавтор и илустраторка.

Олександр Шатохин (1988) е познат украински илустратор и автор на книги за деца, чии дела биле вклучени во меѓународни избори и наградени за најдобар дизајн. По образование е педагог.

Книгите се достапни во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни