Антимигрантски протест во Хаг прерасна во насилство, неколку недели пред изборите

Антимигрантска демонстрација во Хаг, на која присуствуваа стотици луѓе, во саботата заврши со насилство и судири со полицијата.

Демонстрантите фрлаа камења и шишиња кон полицајците, запалија полициско возило и ги искршија прозорците на канцеларијата на централно-левичарската партија D66.

Полицијата одговори со солзавец и водени топови за да ја растера толпата. Дел од демонстрантите кратко ја блокираа и автопатската обиколница околу градот.

Лидерот на D66, Роб Јетен, остро реагираше: „Ѓубриња. Рацете подалеку од политичките партии. Ако мислите дека ќе нè заплашите, залудно е – никогаш нема да дозволиме екстремисти да ни ја одземат државата.“

Привремениот холандски премиер, Дик Схооф, на социјалните мрежи ги осуди „шокантните сцени на срамно насилство“ и порача дека нападите врз полицијата и партиските простории се „целосно неприфатливи“.

Протестот беше организиран преку социјалните мрежи од млада жена позната под прекарот „Елс Рехтс“ („Елс Десно“), која повика на построги азилни закони. По немирите, таа се огради од насилството, велејќи дека очекувала мирна демонстрација.

Настанот доаѓа во чувствителен момент, неколку недели пред предвремените парламентарни избори во Холандија, закажани за 29 октомври. Владата падна откако лидерот на екстремно-десничарската Партија за слобода (PVV), Герт Вилдерс, ги повлече своите министри поради несогласувања околу миграциската политика.

Вилдерс, кој одби да учествува на протестот, исто така го осуди насилството, нарекувајќи го „неприфатливо“.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни