11 Oктомври -Антифашизам: темелот врз кој е изградена македонската држава

На 11 октомври 1941 започна борбата која не само што го победи фашизмот, туку ја роди и македонската држава


На 11 октомври 1941 година, во тишината на окупираната земја, група луѓе решија дека стравот не може да владее вечно. Дека секој човек има граница на понижување, и дека зад таа граница почнува отпорот. Востанието не беше спонтан бунт, туку свесна идеолошка борба што произлезе од најдлабоката човечка потреба за слобода.

Фашизмот не беше само форма на власт, туку систем што се обидуваше да ја избрише човечката волја, да ја замени мислата со страв и да ја претвори историјата во послушност. Тој сакаше да го избрише сеќавањето, да ја задуши различноста, да ја уништи можноста за слободен избор. Но токму во тој обид се роди нешто поголемо од секој поединец и секоја држава – отпор што не познава граници, знамиња или јазици. Антифашизмот стана космополитска борба за достоинство, за правото да се живее без страв, за можноста човекот сам да ја одреди својата судбина.

Против злото на фашизмот народот одговори со организирана борба, со партизански чети, со писма и летоци, со песни што се пееја тивко за да не се слушнат, но силно за да не се заборават.

Од Прилеп до Скопје, од Дебарца до Козјак, низ планините и долините се ширеше пламенот на отпорот. Во годините на народноослободителната војна и антифашистичката револуција тој пламен стана неугаслив – се вкорени во секој град и село, во секоја шума и секоја пештера каде што се собираа луѓето за кои животот на колена не беше живот.

Од таа борба не произлезе само победа над фашизмот, туку и темелот на државноста. Македонската држава е антифашистичка по своето раѓање – создадена од партизанското движење, од идејата за слобода и самоуправување што се роди во рововите и шумите. Нејзиниот легитимитет не произлегува од договори меѓу моќни сили, туку од одлуките на луѓе што се изборија со оружје, со жртва и со визија за општество ослободено од тиранија.

Не беше тоа само борба против еден режим. Тоа беше избор да не се прифати свет во кој стравот е закон, а понижувањето – судбина. Тоа беше избор за достоинство, за слобода, за живот што ќе се живее исправено.

Антифашизмот не е минато што се слави еднаш годишно, туку постојана обврска. Тој е жив отпор против секоја нова форма на омраза, нетолеранција, потчинување и угнетување што се обидува да се врати под друго име и во друга облека. Во време кога повторно се креваат ѕидови, кога се негува поделба наместо солидарност и се шири страв наместо надеж, борбата против фашизмот нè потсетува дека слободата никогаш не е дадена – таа секогаш мора да се брани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни