Светот е променет, голем дел од динамиките околу нас се водат преку технолошки средства, политичката сцена во светски рамки од ден на ден станува подраматична, а загушувањето на човековите права поголемо и побезмилосно. И кај нас и во пошироки рамки, сепак, имам чувство дека некои работи сме во опасност неповратно да ги изгубиме. Расте стравот за нашата иднина, но расте и чувството дека никогаш не не напуштиле најкобните концепти со кои сме мислеле дека сме расчистиле. Дали фашизмот е една од нив? За жал, да.
Морам да се потпирам на мојата перспектива како млад човек. Kaко некој преиспитува, осознава и гради особено кога сакам да зборувам за теми кои ни значат на сите. Нашите генерации растат во опасности кои излегуваат од екраните, но истовремено, тоа ни дава шанса толку бргу да видиме каде и колку страда некој во светот. Одеднаш сме сведоци на тоа што порано полесно можело да се сокрие. Неправдата излегува пред нашите очи и директно сме изложени на неа.
Често се потсетувам на Сузан Сонтаг и нејзината книга ,,За страдањето на другите” поради влијанието на медиумите и начинот на кој реагираме на насилството кое секојдневно го следиме. Сепак, не можам да не се запрашам, како се однесуваме кон него? Кога зборуваме за антифашизам денес, се чини како да треба да се даваат подробни објаснувања за неговото значење, но зошто? Светот се смени, но злото не. Оние кои владеат се други, но иста е безмилосната желба да се исцица другиот, да се истисне, да се сотре. Да се покаже моќта, тиранијата, способноста. Да се оддалечи од себе човечноста. Да се биде лицемер. Фашизмот, за жал, не е остаток од минатото и фашистичките тенденции кои суштински се залагаат за одвојување едни од други одново владеат со Европа и светот. Дали воопшто некогаш сме ги победиле?

Ксенофобија, расизам, пропаганда која ги таргетира мигрантите, етнички чистења и планирано изгладнување. Дискриминација по припадност, по сексуална ориентација, закани по живот, насилство, насилство и бескрајно насилство кон различноста. Страдањата ја менуваат својата форма, но името кое ги обединува насилниците не се менува. Денес се прославува победата на антифашизмот кај нас, но опасноста од мракот е повторно над нашите глави. Единствената разлика е тоа што формите во кој се распространува не ги препознаваме додека не се однесуваат лично на нашите животи.
Модерниот фашизам е најголемото зло за светот, ама и за оваа мала земја чиј единствен пат кон напредок е во слободата и во прегрнувањето на сите свои граѓани како еднакви. Дезинформации, теории на заговор, системско насилство длабоко пикнато во сите општествени пори, насилство во домот кое тешко се санкционира се само мал дел од неговата палета.
Во оваа земја има многу луѓе кои не само што не можат да живеат слободно и без страв, туку и целиот нивен живот е намален и склопчен пред непостоењето на правдата. Молчиме пред ова. Македонија не само што не е дом за сите, туку активно покажува дека за многу луѓе таа е извор на длабока анксиозност, неприфаќање и непожелност. Политики кои велат НЕ на автентичноста, на слободата и правата. Ова е реалноста, малку подалеку од нашето кафе испиено во некое центарско кафуле. Ова е нашата вистина, која сакаме да ја буткаме под тепих.
Не можам да зборувам толку многу за минатото колку што можам да го уважувам и да учам од него. Во активното преиспитување, во активното здружување, во бунтот кој ја менува својата форма, во помошта и револтот пронаоѓам надеж. Надеж дека отпорот може да донесе смисла денес, особено на нас како млади кои си го бараме нашиот простор континуирано. Нашиот постојан сомнеж е клуч за ова. Во преиспитувањето на динамиките на моќ, на она што е веќе закоравено, на доминацијата, на болката и на сите оние процеси кои во еден толку мал град нè прават отпорни едни на други – во тие точки наоѓам желба и идеја од каде може да се движиме.
Она што се случува околу нас е толку поразително, угнетувачко и болно, што мора да ги преиспитува и крши привилегиите кои ги имаме позади тастатурите, токму поради таа антифашистичка иднина која ја замислуваме. Длабоко ме засрамува тоа, чувствувам должност да читам колку можам повеќе, да зборувам колку можам повеќе за оваа тема. Да се лутам и да наоѓам начин како во тоа што го правам, антифашистичките вредности да бидат основа на едно младешко, современо, можеби и несигурно, но мое движење. Движење преку кое ќе ги повикувам моите другари и луѓе од нашите генерации да бидеме поблиску и заедно, против овој пекол кој пристигнува на голема врата.
Додека го пишувам ова, со наведната глава мислам на сите невини, угнетени луѓе насекаде низ светов, чија болка ги надминува границите на нашето познато. Која е нашата улога овде сега и тука, помислувам? Да ја кршиме својата удобност, да не замижуваме пред тоа што се случува и да ги користиме ресурсите кои ги имаме за да размислуваме погласно од кога било. Постои само антифашистичка иднина и ние како млади мора да најдеме, мора континуирано да бараме начини да се бориме за неа. Тргнувајќи од оваа земја. Тргнувајќи од нас и нашите вредности кои се потпираат само на живот кој ни припаѓа на сите.