Фестивалската програма почнува со промоција на проектот „Културен код, мојот моден отисок“, а предвидени се и други бројни содржини, најави Влатко Илиески, директор на НУ Центар за култура-Битола.
„Годинава одбележуваме голем јубилеј 55 години фестивал „Илинденски денови“ и во рамки на изданието ќе има изложби, концерти, настапи на отворена сцена, промоција на книги, а по четврт пат ќе се одржи и интернационалниот Етногографски филмски фестивал. Настапите на ансамблите и културно уметничките друштва од земјава и странство почнуваат на 26 јули и ќе се одржуваат на платото од битолскиот Офицерски дом. Новина на фестивалот е промоцијата на етно фоилклорен стрип од авторот Димитри Балојани, посветен на обичајот Русалии“, истакна Илиески.

Според м-р Валентин Соклевски, селектор на фестивалот кој е сертифициран од светската фолклорна асоцијација CIOFF, културниот настан во Битола е мозаик во кој се обработува традицијата и народната култура во сите сфери и форми.
„Програмата ја збогатуваме со нови трендови и правци во светот. Целта на фестивалот е нашата народна култура да се компарира со светските култури, со светската традиција и затоа оваа година имаме гости од повеќе држави во светот, и за прв пат ансамбл од Швајцарија. Годинава фестивалот се одржува под мотото „Денес за утре“, а фестивалскиот материјал е дизајниран со мотив изработен од уметницата Јована Тодорска од Охрид. Станува збор за мотив од нејзината изложба „Половина сонце“ која беше претставена во Загреб и Битола“, посочи Соклевски.
Програмата од фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ освен во Битола, годинава ќе биде презентирана и во Демир Хисар, Новаци и охридското село Трпејца.