Србија/Анкета: Опаѓа поддршката за власта во државата

Анкета покажува дека поддршката за властите во Србија опаѓа  –  на следните избори разликата помеѓу студентите и власта би била дури 10 проценти, во корист на бунтовниот дел од граѓаните, јавија српските медиуми.

Анкета спроведена од Новата српска политичка мисла наведува дека 32,7 проценти од граѓаните би гласале за сегашната власт, додека 42,10 проценти од испитаниците би гласале за обединета листа на опозицијата, студентите и граѓанските движења. Според таа анкета, околу една четвртина од испитаниците немаат мислење.

Новото истражување на јавното мислење доаѓа само една недела откако организацијата „Спринт Инсајт“ ги објави своите резултати, каде што 54,8 проценти од српските граѓани би гласале за студентска листа, додека 42,1 процент би гласале за листата на Вучиќ. Истражувањето е спроведено со методологијата „лице в лице“ со 1.458 испитаници во Србија.

Сепак, најновата анкета на „Нова српска политичка мисла“, спроведена од 2 до 12 јули преку телефон на 1.100 испитаници, покажува дека обединетата листа на опозицијата, студентите и граѓанските движења ја поддржуваат 42,10 проценти од граѓаните, додека актуелната влада ја поддржуваат 32,70 проценти од испитаниците, додека 25,2 проценти изјавиле дека немаат мислење.

Тие резултати се речиси идентични со оние од мај оваа година, кога за првпат беше покрената иницијативата за барање предвремени парламентарни избори. Тогаш, од 1.050 испитаници, 33,5 проценти од нив рекле дека ја поддржуваат владата, додека бунтовниот дел од граѓаните (опозиција, студенти и граѓански движења) ја поддржале 43,6 проценти.

Во тоа време, 22,9 проценти биле неодлучни.

Кога станува збор за ставот во врска со протестите и блокадите, мислењата на граѓаните се поделени на половина.
Околу 42 проценти од граѓаните на еден или друг начин ги поддржуваат блокадите, додека 21,1 процент активно учествуваат во такви иницијативи, а 20,9 проценти од нив изјавиле дека поддржуваат, но не учествуваат во блокади, додека 14,7 од нив ниту поддржуваат, ниту учествуваат во акции за блокади. Од друга страна, 38 проценти од испитаниците воопшто не поддржуваат блокади и протести, додека 5,3 проценти не одговориле.

На прашањето од анкетата – Дали се променило мислерњето за претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од протестите во март – само седум проценти од испитаниците велат дека нивното мислење се подобрило, 23,1 процент од нив тврдат дека нивниот став се влошил, додека 50,8 проценти не го промениле мислењето за претседателот. Околу 23 проценти велат дека останало  добро, додека 27,8 од нив тврдат дека останало исто толку лошо.

На прашањето дали се можни демократски и фер избори, нешто помалку од една третина од испитаниците рекоа – да, 32,2 отсто, додека дури половина, или 50,5 проценти, мислат поинаку.

Речиси половина од испитаниците тврдат дека распишувањето вонредни парламентарни избори е излез од сегашната криза (48,8), додека 31,7 од нив мислат спротивното. Останатите 19,5 проценти се рамнодушни по ова прашање.

Повеќе од половина од испитаниците, кои ги поддржуваат сегашните протести, се согласуваат дека  најдоброто решение е формирање таканаречен обединет фронт, што би го сочинувале опозицијата, студентите и граѓанските движења на една листа (55,5 проценти).
Речиси една четвртина од тие испитаници веруваат дека опозицијата треба да се откаже од учеството на изборите и да ја поддржи студентската листа (23,9 проценти). Само 10,4 проценти од нив веруваат дека граѓанските иницијативи, опозициските партии и студентите треба да излезат во три одделни колони.
Според истражувањето, со декларираните испитаници, ако утре има избори, само една група партии би го поминала цензусот –  Народното движење на Србија, Еколошкото востание и Новото лице на Србија би имале 4,5 проценти, а групата партии на ССП и СРЦЕ би имале 3,6 проценти. Сите други опозициски партии би останале под цензусот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни