Анкета во Германија: Повеќето Германци веруваат дека САД го загрозуваат НАТО

Дури 78 отсто од Германците сметаат дека политиката на Доналд Трамп ја загрозува иднината на НАТО, покажува новиот Политбарометар на ZDF.

Големо мнозинство граѓани на Германија смета дека политиката на американскиот претседател Доналд Трамп ја загрозува иднината на НАТО, покажува најновото издание на Политбарометарот на германската телевизија ZDF.

Според резултатите од анкетата, 78 отсто од испитаниците се согласиле со оценката дека Трамп претставува закана за Северноатлантската алијанса, додека само 18 отсто не се согласуваат. Останатите учесници не дале одговор.

Гренланд и Венецуела влијаеле на јавното мислење

На негативното мислење во Германија, според анкетарите, влијаеле и неодамнешните потези на Трамп на меѓународната сцена. Тој инсистира САД да го припојат Гренланд, автономна територија на Данска, која е членка на НАТО и не ја исклучи можноста за употреба на воена сила.

Дополнително, германската јавност била вознемирена и од американската воена акција во Венецуела на 3 јануари, која Трамп ја оправда со потребата САД да обезбедат контрола врз големите наоѓалишта на нафта во таа земја.

Поддршка за поцврст став на Европската унија

Анкетата покажува дека мнозинството Германци сметаат дека Европската унија треба јасно да се спротивстави на американските воени интервенции насочени кон пристап до економски ресурси.

Според резултатите, 69 отсто од испитаниците рекле дека ЕУ треба активно да се спротивстави на ваквите акции. Околу 22 отсто сметаат дека Брисел треба да остане настрана, додека само пет отсто се изјасниле дека Унијата треба да ги поддржи САД во такви интервенции.

Поделени ставови за можната интервенција во Иран

Мислењата на Германците се поделени кога станува збор за евентуална американска воена интервенција во Иран, каде што во моментов се одржуваат масовни протести против авторитарниот режим.

Околу 37 отсто од анкетираните би ја поддржале интервенцијата, ист процент се изјасниле против, додека 13 отсто рекле дека немаат оформено мислење по ова прашање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни