Анкетите во Германија покажаа: Левицата добила поддршка од 25% од младите Германци, а за АФД гласаа 21% од младите

Младите мажи најмногу се загрижени за миграциите и финансиската сигурност, поради што главно гласаат за крајно десничарските партии. Младите жени пак, се плашат од зајакнување на десничарскиот популизам и доведување во прашање на феминизмот и различностите, што го објаснува успехот на левицата

Германската левица на минатонеделните парламентарни избори освои 25% од гласовите на младите избирачи на возраст од 18 до 24 години, додека 21% од избирачите во оваа старосна група гласаа за крајно десничарската Алтернатива за Германија (АФД), покажуваат резултатите од анкетата.

Од изборите за Европски парламент во јуни 2024 година, левицата и десницата значително ги подобриле своите резултати, АФД тогаш имала 16% поддршка од младите, додека бројот на млади приврзаници на левицата се зголемил за три пати.

За време на изборите, двете страни на политичкиот спектар се фокусираа на проблемите кои ги интересираат младите, вклучувајќи поевтино домување, подобро образование и социјална правда, а ги промовираа кандидатите преку социјалните мрежи, пренесува „Дојче Веле“.

Експертите велат дека постојат значајни разлики во приоритетите на младите мажи и жени, при што младите мажи најмногу се загрижени за миграциите и финансиската сигурност, поради што главно гласаат за крајно десничарските партии.

„Младите жени, од друга страна, се плашат од зајакнување на десничарскиот популизам и доведување во прашање на феминизмот и различностите – што го објаснува успехот на левицата“, рече Рудигер Мас од Институтот за истражување на генерациите во Аугсбург.

На претходните избори во Германија во 2021 година, најдобри резултати меѓу младите постигнаа Сојуз 90/Зелени со 23% и Слободните демократи (ФДП) со 21%.

Скоро четири години подоцна, меѓу избирачите од 18 до 24 години, двете партии претрпеле голем пад, а Зелените паднаа на 10%, додека ФДП на само 5%.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни