Анима Мунди: Судот денес ќе покаже дали државата ќе казни за убиството на коњите во ЗОО Скопје

Клучно рочиште во Основниот кривичен суд: Ќе има ли јасна санкција или институционално релативизирање на трагедијата?
Влез на зоолошка градина Скопје
ЗОО Скопје

Во Основниот кривичен суд – Скопје денес продолжува постапката за случајот со брутално убиените коњи во Зоолошката градина, случај што месеци наназад ја потресува јавноста. Организацијата „Анима Мунди“ предупредува дека токму денешното рочиште е пресвртна точка што ќе покаже дали правосудниот систем ќе застане во одбрана на животните или ќе остави простор за нова неказнивост.

Од „Анима Мунди“ истакнуваат дека процесот пред судот е од суштинско значење: ќе се види дали институциите се подготвени да воспостават јасна граница против суровоста врз животни и да ја утврдат одговорноста на сите инволвирани, или пак трагедијата ќе биде релативизирана со бирократски изговори.

Според нивните информации, дел од надлежните органи се обидуваат да избегнат обврски со повикување на ненадлежност, што би создало опасен преседан и би ја поткопало довербата во системот. Организацијата потсетува дека коњите, кои биле под институционална заштита, биле убиени на исклучително суров начин, што ја открива ранливоста на животните што формално треба да бидат под државна грижа.

Анима Мунди бара судот да изрече најстроги санкции – не само за непосредните извршители, туку и за сите кои со пропусти, игнорирање или злоупотреба на позицијата придонеле злосторството да се случи. Тие нагласуваат дека ниту поранешниот директор на ЗОО Скопје ниту раководството не смеат да бидат изземени од правна одговорност доколку се докаже вина.

Организацијата ги повикува медиумите, граѓаните и другите здруженија внимателно да го следат судењето. Според нив, јавниот надзор е неопходен за да се спречат обиди за минимизирање или прикривање на случајот.

„Оваа постапка е тест за државата – дали правдата навистина важи за сите или системот ќе продолжи да го толерира насилството кога жртва е немо живо суштество“, велат од Анима Мунди. Тие предупредуваат дека исходот ќе покаже дали општеството ја прифаќа суровоста како нормализирана појава или ќе се спротивстави со јасни и правични санкции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни