Англија воведе лекување на 15 видови рак со инјекција

Наместо досегашната интравенска инфузија што трае околу еден час, пациентите ќе примаат инјекција од имунотерапевтскиот лек ниволумаб, што трае само 3 до 5 минути

Ахглија неодамна одобри нов метод на примена на имунотерапија за лекување на рак, што би можело значително да го подобри квалитетот на животот на пациентите и да го растовари здравствениот систем.

Наместо досегашната интравенска инфузија што трае околу еден час, пациентите ќе примаат инјекција од имунотерапевтскиот лек ниволумаб, што трае само 3 до 5 минути. Оваа иновација ќе овозможи околу 15.000 пациенти годишно во Англија побрз и поедноставен пристап до лекување за 15 различни видови рак, вклучувајќи рак на бели дробови, бубрези и кожа.

Според NHS England, за пациентите на кои терапијата им е потребна еднаш или двапати месечно, оваа промена ќе значи значителна заштеда на време. Со оглед дека времето кое медицинскиот персонал го поминува со овие пациенти ќе се намали од 60 на 5 минути, тоа време сега ќе може да се искористи за третман на други пациенти. Севкупно, времето заштедено во Обединетото Кралство ќе изнесува еквивалент на една цела работна година – збирно за сите скратени третмани.

Професорот Питер Џонсон, национален клинички директор за рак при NHS, изјави дека заштеденото време „ќе им овозможи на тимовите да третираат уште повеќе пациенти“ и ќе ослободи капацитети во болниците.

Како делува ниволумаб?

Ниволумаб делува така што му помага на имунолошкиот систем да се бори против ракот, блокирајќи сигнали кои туморските клетки ги испраќаат за да го сопрат имунолошкиот одговор. Се врзува за протеинот PD-1 на Т-клетките на имуниот систем, спречувајќи го ракот да ги исклучи овие клетки и овозможувајќи им да ги препознаат и уништат туморските клетки.

Туморските клетки имаат мутации и способности што им помагаат да избегнат имунолошки надзор, како изразување на PD-L1 – протеин кој ги блокира Т-клетките.

Ефикасност на имунотерапијата

Имунотерапијата со ниволумаб е релативно ефикасна кај повеќе видови рак, но резултатите зависат од типот на туморот, стадиумот на болеста и индивидуалните карактеристики на пациентот (изразеност на PD-L1, генетски мутации и состојба на имуниот систем).

На пример, многу е ефикасен кај меланом и Хочкинов лимфом, особено во напредна фаза, како и кај неситноклеточен карцином на бели дробови. Кај други видови – рак на бубрег, мочен меур, хранопроводник, желудник и глава – има исто така ефекти, но нешто послаби.

Можно е да предизвика автоимуни реакции и воспалителни процеси во различни органи.

Феликс М. Венсвен, професор на Медицинскиот факултет во Риека, вели дека ослободувањето на „кочниците“ на имуниот систем е релативно нов метод на лекување рак, познат како имунотерапија на контролни точки.

„Првиот лек, ипилимумаб, се појави во САД во 2011 година, а ниволумаб во 2014“, вели Венсвен.
„Овие лекови се воведуваат бавно заради безбедносни причини. Сега откривме дека брзината на примена – 5 минути или 60 – нема никакво влијание на безбедноста.“

Според NHS, новата инјекциска форма нема да ги зголеми трошоците бидејќи е постигнат договор со производителот, Bristol Myers Squibb.

Насер Тураби од Cancer Research UK нагласи колку се важни овие иновации и повика на понатамошни инвестиции за да се овозможи пристап до најсовремени третмани.

Имунотерапијата е значително поблага од хемотерапијата

Венсвен вели:

„Класичната хемотерапија ги убива и здравите ткива и клетките на ракот. Иако клетките на ракот се почувствителни, лековите сепак имаат големо негативно влијание врз здравјето. Имунотерапијата, пак, го користи нашиот имунолошки систем да ги убие само клетките на ракот. Несакани ефекти постојат, но се многу поблаги.“

Понекогаш, имунотерапијата се користи и во комбинација со хемотерапија, за посилен ефект.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни