АНЕМ алармира: Опасни изјави на претседателот Вучиќ дека новинарите ќе предизвикаат насилство на 1 ноември

Асоцијацијата на независни електронски медиуми (АНЕМ) остро ја осуди изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој изјави дека на претстојниот собир во Нови Сад „на 1 ноември никој нема да предизвикува насилство, освен новинарите на кои новинарските здруженија им делат шлемови“.

Организацијата предупреди дека таквата реторика е опасна и претставува директно поттикнување на насилство кон новинарите.

Изјавата Вучиќ ја даде во Узбекистан, одговарајќи на новинарско прашање за најавениот комеморативен собир во Нови Сад, по повод една година од несреќата на железничката станица во која загинаа неколку лица. Здруженијата НУНС и УНС претходно соопштија дека ќе им поделат заштитна опрема на новинарите кои ќе известуваат од настанот, поради зголемените безбедносни ризици.

„Овие новинари можеби мислат дека одат во Судан. Тие би сакале да видат војни и конфликти. Можат да предизвикаат еднократно насилство, по што сите ќе бидат уапсени,“ изјави Вучиќ, додавајќи дека „државата има поважни проблеми од нивните трикови“.

АНЕМ предупредува дека со вакви изјави претседателот директно придонесува кон создавање непријателска атмосфера и поттикнува омраза кон новинарите, кои веќе се мета на постојани напади – како од граѓани, така и од полицијата која треба да ги штити.

Во соопштението се потсетува дека безбедноста на новинарите во Србија е на загрижувачко ниво, а дека ситуацијата особено се влошила по 1 ноември минатата година. Според Фондацијата „Славко Ќурувија“, претставници на власта 141 пат вербално напаѓале новинари само во септември, а „Репортери без граници“ во последната година регистрирале 89 физички напади.

АНЕМ истакнува дека ваквата реторика им дава „ветер во грб“ на про-владини таблоиди и телевизии со национална фреквенција, кои продолжуваат со негативни кампањи и таргетирање на критичките медиуми.

Организацијата апелира до властите итно да прекинат со ваквите напади и јавни обвинувања кон новинарите, бидејќи тие можат да имаат „сериозни и опасни последици“ врз нивната безбедност и врз слободата на медиумите.

АНЕМ потсетува дека известувањето за протести и настани од јавен интерес е една од основните улоги на новинарството во демократско општество, и дека секое обвинување дека новинарите предизвикуваат насилство е „недопустливо и опасно“.

Во апелот, асоцијацијата ги повикува и меѓународните организации и Европската комисија да ја осудат оваа реторика, а новинарите да пријавуваат секој вид на закани и напади. На располагање им стои бесплатната 24-часовна телефонска линија „Сигурна линија“ (0800 100 115) за пријавување загрозување на безбедноста.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни