Анекe Брасинга – добитничка на наградата Златен венец на Струшките вечери на поезијата 2026

Наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата 2026 ѝ се доделува на Анекe Брасинга поетеса од Кралство Холандија

На предлог од страна на Советот за доделување на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, Управниот одбор на Националната установа Манифестација Струшки вечери на поезијата на состанокот одржан во Струга едногласно донесе одлука наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата 2026 да ѝ се додели на Анекe Брасинга поетеса од Кралство Холандија.

„Советот на Струшките вечери на поезијата, врз основа на значењето на поетското дело на холандската поетеса Анеке Брасинга, нејзиниот исклучителен придонес во современата европска и светска поезија, како и врз основа на високите естетски вредности и влијанието на нејзиниот поетски опус, донесе одлука наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година да ѝ се додели на Анеке Брасинга за нејзиното севкупно поетско творештво.

Поезијата на Анеке Брасинга се одликува со исклучителна јазична инвентивност, богата метафоричност и силна имагинативна енергија. Нејзиниот поетски јазик е густ, барокно разигран и исполнет со неочекувани зборовни споеви, неологизми и звучни асоцијации, кои се спојуваат со филозофска длабочина и со суптилна иронија и создаваат уникатна поетска атмосфера. Критиката често ја опишува како „магионичар на јазикот“, поетеса која ја истражува границата меѓу значењето и звучноста на зборот и ја отвора поезијата кон нови јазични хоризонти. Низ своето поетско творештво и преку својата значајна преведувачка работа, Брасинга воспоставува жив дијалог со европската и светската книжевна традиција, збогатувајќи го современиот поетски јазик.

Со својот оригинален поетски глас, со јазичната храброст и со длабочината на поетската мисла, Анеке Брасинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и меѓу највлијателните европски поетски гласови на нашето време. Нејзиното дело ја проширува можноста на поетскиот јазик и ја потврдува поезијата како простор на слобода, имагинација и духовно истражување.
Токму поради таа оригиналност и духовна сила, нејзиното дело е високо вреднувано со најзначајните книжевни признанија во холандската литература, потврдувајќи ја Анеке Брасинга како еден од најзначајните поетски гласови на современата европска и светска поезија.“ стои во образложението.

За добитничката

Анекe Брасинга е родена на 20 август 1948 година во Шарсберген. Кога имала една година, нејзините родители се преселиле во блискиот Арнхем.

Од 1967 година живее во Амстердам, но исто така сака да престојува и во (дивата) природа. Патувала во Индија, Исланд, Ирска и Шкотска.

Од 1967 до 1972 година, Брасинга студирала книжевен превод на Институтот за преведување при Универзитетот во Амстердам. Од 1974 година започнала да објавува нејзини преводи. Покрај импресивен број сложени романи, Брасинга преведувала и поезија од Силвија Плат, Харт Крејн, Ингеборг Бахман и Михаел Хофтман. Пишувала есеи за авторите што ги преведувала и објавувала книжевна проза.

Како книжевна прозаистка, Брасинга дебитирала под псевдонимот А. Гарденер во првиот број на списанието Ревизор (De Revisor) (1974), со текстот „Од еден дневник“. Нејзините први преводи и есеи исто така се појавиле во De Revisor — во тоа време платформа за нова генерација млади автори силно ориентирани кон странската книжевност. Како поетеса, Брасинга неформално дебитирала во 1985 година со библиофилското издание на нејзината дебитантска збирка, за која ја добила Наградата „Треванијан“. Таа збирка била вклучена во Аурора (Aurora, 1987), официјалното деби. Во 1989 година била објавена збирката Имот (Landgoed), за која Брасинга ја добила Наградата „Херман Гортер“ — поетска награда на градот Амстердам. Нејзината книга книжевна проза Клешта (Hapschaar) била наградена со ЕЦИ наградата за литература во 2001 година, поетската збирка Huisraad (1998) со Наградата „Пол Снук“ во 2001 година, а поетската збирка Видик (Verschiet) (2001) и со Наградата за поезија „Ида Герхардт“ 2002 и со престижната ВСБ награда за поезија 2002.

Нејзините песни се преведени на германски, француски, англиски, руски, унгарски и шпански јазик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни