Анегдоти од кај „Јоле“: Тричко и Геро (1)

„Напишете му писмо на оној политичар кој најмногу ве нервира, а потоа запалете го!“ А Тричко одговорил: „Во ред. А со писмото што да правам?“

Пишува: Пандалф Вулкански

Извор: Окно.мк

Новинарот Бранко Героски во „Јоле“ вака го трачал колегата новинар, нихилистот Бранко Тричковски, пред македонските книжевни великани Петре Андреевски и Гане Тодоровски:

‒ Откако Тричко веќе не можел да ја издржи повеќегодишната душевна и политичка безнадежност решил да отиде на психијатар. Психијатарот вака му рекол:

„Напишете му писмо на оној политичар кој најмногу ве нервира, а потоа запалете го!“ А Тричко одговорил: „Во ред. А со писмото што да правам?“

‒ Ми се свиѓа тој твој колега, донеси го овде ‒ неочекувано одговорил Петре Андреевски. ‒ Време е конечно нешто да запалиме…

***

Бранко Тричковски поминувал по улица и го здогледал Бранко Героски како седи пред кафеаната „Букет“, отсутно ѕверејќи во Петре Андреевски и Гане Тодоровски, кои седеле внатре.

„Што правиш, Геро? Седиш и мислиш?“, прашал Тричковски.

„Јок, само седам“, спокојно одговорил Героски.

***

Вооружен крадец опљачкал банка и на излегување од банката брзајќи налетал на Бранко Героски и Бранко Тричковски кои баш оделе накај „Јоле“.

„Ми го виде лицето?!“, крадецот панично го прашал Тричковски.

„Не го видов, ама можда мојот колега го виде, он добро памти фаци и стално е спремен да сведочи“, спокојно одговорил новинарот Тричковски и се свртел кон колегата Героски, кој веќе бил шмугнал во првиот хаустор.

***

Еднаш во „Јоле“ Горан Стефановски во својот тефтер го запишал живописниот дијалог меѓу новинарите Бранко Тричковски и Бранко Героски:

„Што е бе?“

„Што сакаш бе?“

„Ела бе ваму качи се!“

„Ела бе ти симни се!“

„Леле ако ти се качам…“

„Мајмун, само ако ти се симнам!“

***

Бранко Тричковски еднаш се вратил дома во ниедно време. Жена му го погледнала, разбушавен, со пудра на лицето, светки на облеката, измачкан со кармин и шминка, и го прашала:

„Зошто имаш шминка и светки насекаде врз себе?“

„Нема да веруваш, ама се степав со кловн.“

Карикатури: Dave Coverly

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни