Анализа за Cell Reports Sustainability – Додека соларната и ветерната енергија рушат рекорди, дали ја занемаруваме моќта на геотермалната енергија?

Нови истражувања покажуваат дека напредните геотермални системи можат значително да ја намалат потребата од соларни и ветерни капацитети и батерии, нудејќи стабилна и конкурентна чиста енергија.

Додека соларната и ветерната енергија бележат рекордни нивоа на раст ширум светот, експертите предупредуваат дека една моќна и стабилна форма на обновлива енергија сè уште останува во сенка – геотермалната енергија.

Новите технологии, првично развиени за експлоатација на нафта и гас од големи длабочини, би можеле да ја отворат вратата кон иднина без фосилни горива преку таканаречените напредни геотермални системи (Enhanced Geothermal Systems – EGS).

Помалку инфраструктура, иста чиста енергија

Според нова студија на Универзитетот Стенфорд, објавена во научното списание Cell Reports Sustainability, примената на EGS може „значително да ја намали“ потребата од ветерни и соларни електрани, како и од скапи батериски системи, додека цените на електричната енергија остануваат конкурентни.

„EGS е ветувачка чиста и обновлива технологија што функционира заедно со ветерната, соларната и хидроенергијата и батериите, за да го напојува светот за сите намени“, вели водечкиот автор на студијата, Марк Џејкобсон. „Таа обезбедува енергетска сигурност, а во исто време ги елиминира загадувањето на воздухот и глобалното затоплување по ниска цена.“

Истражувачите споредиле сценарија со и без употреба на EGS и утврдиле дека вклучувањето на оваа технологија носи „значителни заштеди во инфраструктурата“.

Кога EGS обезбедува само 10 проценти од електричната енергија потребата од копнени ветерни капацитети се намалува за 15 проценти, соларните капацитети за 12 проценти, а потребата од батериско складирање дури за 28 проценти.

Помал простор, поголема ефикасност

Вкупната површина потребна за енергетска инфраструктура исто така се намалува – од 0,57 на 0,48 проценти од вкупната површина на земјите опфатени во анализата. Ова, според научниците, е особено важно за мали или густо населени држави како Тајван и Јужна Кореја.

За разлика од класичните геотермални електрани, кои се ограничени на вулкански региони (како Исланд), EGS вклучува дупчење до осум километри длабочина. Во пукнатините на карпите се вбризгува течност која се загрева под земја, а потоа се враќа на површината за производство на електрична енергија.

Поевтина енергија и помали општествени трошоци

Студијата покажува дека преминот кон чиста енергија значително ги намалува трошоците – без разлика дали EGS е вклучен или не. Во двата случаи, годишните енергетски трошоци се намалуваат за околу 60 проценти во споредба со сценариото на продолжена употреба на фосилни горива.

Кога во пресметките се вклучат и здравствените и климатските трошоци – како болести поврзани со загадувањето на воздухот и покачувањето на морското ниво – вкупните општествени трошоци паѓаат за речиси 90 проценти.

Бидејќи EGS обезбедува континуирано производство на електрична енергија, експертите сметаат дека оваа технологија е особено погодна за напојување на изолирани дата-центри, чиј број нагло расте поради развојот на вештачката интелигенција.

Ќе стане ли геотермалната енергија подостапна?

Високите трошоци досега беа главна пречка за поширока примена на EGS, но научниците прогнозираат дека тие значително ќе се намалат до 2035 година. Причината се побрзите и поефикасни техники на дупчење.

„Овие технологии овозможуваат EGS-проекти да се завршат релативно брзо, за разлика од нуклеарните централи, за кои често се потребни од 12 до 23 години од планирање до пуштање во работа“, вели Џејкобсон.

Тој додава дека, за разлика од нуклеарната енергија, EGS не носи ризик од нуклеарно оружје, хаварии, радиоактивен отпад или рударење на ураниум.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни