Ана Вчкова: „Добредојде, добро те најдов“ – Кога уметноста станува разговор со градот

Верувам дека и на мојата, но и на помладите генерации, ни недостасуваат простори за отворена, нецензурирана комуникација, места кадешто можеме искрено да се поврземе и запознаеме, ослободени од социјални стигми и притисок. Токму затоа сакав приватниот простор да го направам јавен, а јавниот да го внесам во приватниот, истражувајќи како едното влијае на другото. На тој начин создадовме емотивна мапа на градот, составена од сите места, идеи, желби и чувства што, директно или индиректно, се поврзани со Скопје

Во времето кога градот станува сѐ побучен, а просторот сѐ потесен, уметноста наоѓа начини да нѐ повика на тишина, поврзување и заедништво. Во рамките на овогодинешното издание на фестивалот „Ѕирни“ — фестивал што го спојува филмот, музиката и јавниот простор, вниманието го привлече и делото „Добредојде, добро те најдов“ на уметницата Ана Вчкова.

Ова интерактивно и мултисензорно искуство, поставено во нејзиното лично ателје и во просторот на Котур, ги отвори вратите кон едно интимно патување низ градот, она што го чувствуваме, го премолчуваме и го сонуваме. Разговаравме со Ана за инспирацијата зад делото, за спојот на приватното и јавното, за ко-авторството со публиката и за тоа како Скопје може да се исцрта одново – со боички, чувства и нови зборови.

Трн: „Ана, како настана идејата за делото „Добредојде, добро те најдов“? Што те инспирираше да ја истражиш врската меѓу приватниот и јавниот простор?
Aна: „Добредојде, добро те најдов“ настана како дел од овогодинешната изложба „Скопски урбани приказни“ на ДЛУМ, курирана од Ана Франговска, со фокус на Скопје како сензорен град. Идејата беше делата да бидат изложени во рамките на плоштадот и Градскиот ѕид.
Во тој контекст се вклопи и локацијата на моето ателје, коешто за мене претставува најинтимен личен простор. Верувам дека и на мојата, но и на помладите генерации, ни недостасуваат простори за отворена, нецензурирана комуникација, места кадешто можеме искрено да се поврземе и запознаеме, ослободени од социјални стигми и
притисок. Токму затоа сакав приватниот простор да го направам јавен, а јавниот да го внесам во приватниот, истражувајќи како едното влијае на другото. На тој начин создадовме емотивна мапа на градот, составена од сите места, идеи, желби и чувства што, директно или индиректно, се поврзани со Скопје. Се работи за мултисензорно, водено искуство, во кое на наједноставен, детски и интуитивен начин, преку цртање, шкртање, пишување со боици и фломастери и лепење, се поттикнуваат значајни разговори за градот и нашето место во него, освестувајќи мисли на коишто обично не обрнуваме внимание.

Трн: Насловот на делото е многу топол и интимен. Што значи тој за тебе лично, а што за уметничката порака што сакаш да ја пренесеш?
Aна: „Добредојде, добро те најдов“ е гостопримлива фраза што си ја разменуваме кога ќе отидеме кај некого на гости, израз на взаемна радост и на домаќинот што пречекува и на гостинот што пристигнува. Просторите во коишто беше изведувано делото, во моето ателје и во Котур за време на „Sирни“ ја одразуваа токму таа атмосфера на гостопримливост, топлина и сигурност. Интимни места создадени за размена на идеи, мисли и чувства, кадешто границата помеѓу домаќин и гостин се претопува, што и всушност беше целта.

Трн: Делото е замислено како интерактивно и мултисензорно. Како го доживуваш тој процес на‘споделена авторска улога’ со публиката?
Aна: Пред делото да да ја добие својата финална форма, истражував и размислував како да биде коцептуализарано, да повикува на интуитивна акција без многу текстуално објаснување. Самото создавање на делото зависи од интеракцијата на посетителите, па така создавањето на таа атмосфера беше клучен елемент. Делото вклучува неколку визуелни и аудитивни елементи коишто зависат од просторот кадешто се случува изложбата, што значи дека делото е site – specific, задржувајќи се само на концептот.
Споделената авторска улога во овој контекст за мене претставува возбудливо и непредвидливо искуство бидејќи делото никогаш не е исто. Секое негово појавување е нов запис на заедничката енергија. Монтажниот ѕид во моето ателје се разликува од ѕидовите во Котур, некаде преовладуваат цртежи на дрвја, на други места исписи,
портрети, фотографии или исечоци. Токму во таа спонтаност и живост на ко-авторите лежи вистинската возбуда, во
процесот на создавање кој постојано се менува, расте и се надополнува со секој нов допир.

Трн: Во контекст на фестивалот „Ѕирни“, кој ги слави и музиката и филмот, како се вклопува твоето дело и што мислиш дека им дава на посетителите?
Aна: Многу ми е драго што изложбата беше и дел од овогодинешното издание на „Ѕирни“, фестивал што се залага за култура во јавен простор, достапна за сите, каква што и треба да биде. На покана на „Ѕирни“ а во соработка со галеријата „Пионери“ делото природно се вклопи во таа иницијатива , уметност што припаѓа на сите и што
секој може да ја доживее и допре.
Котур ни ги отстапи своите ѕидови и простор, овозможувајќи јавниот простор да биде дел од нив а делото да стане дел од секојдневието. Елементите, предметите и ѕидовите добија нов контекст и нови слоеви на значење, таму кадешто случајниот минувач може да стане ко-автор, а разговорот да се роди спонтано, без дистанца меѓу гледачот и
авторот. Во тоа спојување на јавното и приватното, го гледам најубавиот дел од процесот, моментот кога уметноста навистина станува жив, заеднички простор.

Трн: Делото поканува на разговор за градот – како го гледаш Скопје низ уметничка перспектива? Дали постојат делови од градот што особено те инспирираат?
Aна: Делото поканува и поттикнува на разговор за градот и нашето постоење во него, за начинот на кој дејствуваме во него, но и за него, свесно или потсвесно. Потребно е да ги освестиме случувањата во градот и приватните и колективните подеднакво, како и реакциите и акциите што ги преземаме на сите нивоа како обид за подобрување на
животот во него. Затоа, немам одреден дел од градот што ме инспирира; инспирацијата ја гледам во самата негова какафонија, во мислите, чувствата и звуците што ја исполнуваат секојдневната динамика на Скопје. Токму таа какафонија за мене претставува зародиш на некаква поубава, посвесна колективна промена.

Трн: Што значи за тебе лично поврзувањето со луѓето преку уметноста?
Aна: Во делата што ги создавам речиси секогаш се огледуваат мои лични искуства и чувства, кои низ процесот на создавање добиваат поширок, објективен одзив што ги надминува личните граници. Често во секојдневието немаме време, а можеби и не сакаме да се соочиме или да зборуваме за одредени теми. Затоа, доколку некој што гледал или
учествувал во создавањето на некое мое дело и притоа го поттикнало на размисла, печекоруваќи ја својата зона на удобност, за мене претставува успех.

Трн: Каде би сакала да го „однесе“ ова дело понатаму – во друг град, нов контекст, нова форма?
Aна: Приказните за градот секојдневно се пишуваат и надополнуваат. Делото е колективно и заслужува да биде дел од градот, да потсетува и да проникнува во работи што можеби не сме ги споделиле, но кои сепак создаваат јасна слика за градот, било тоа Скопје или друг град. Формата е флуидна и зависи од контекстот, прилагодувајќи се на просторот и луѓето што го сочинуваат, а со една главна цел, разговор и интеракција кои создаваат колективно дело.

фото Александра Костадиновска. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни