Трн: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е столб на македонската театарска сцена веќе 60 години. Во време кога културата често се соочува со недостаток на финансии и поддршка, дали мислите дека овој фестивал ја добива заслужената важност и видливост на национално ниво?
Ана: Секогаш може повеќе, така би сакала едноставно да одговорам на ова комплексно прашање. Фестивалот ја добива својата важност и видливост на национално ниво низ неколку перспективи: добивме 100 поени како фестивал од национален интерес на Конкурсот од Министерството за култура и туризам, добиваме поддршка и од градот Прилеп, но и од бизнис заедницата. Но, сега доаѓа тоа големо „Но“, за фестивал од овој формат треба повеќе. Да се организира ваков фестивал се потребни големи материјални средства, големо вложување и на организаторите и на учесниците и на целата заедница. Треба да се вложува во сериозни културни и уметнички дела, не во се`, да не е принципот секому по малку. Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп е најстариот и најзначајниот театарски фестивал кај нас. В година славиме 60 години, за една култура, театарски фестивал кој слави 60 години треба да е достојно обележан и мапиран во колективната меморија на тој народ и таа култура.

Трн: Дали театарската публика во Македонија е доволно едуцирана да препознае квалитетен театар, или сè уште сме заробени во комерцијални репертоари?
Ана: Публиката треба да е разновидна, со различни вкусови и потреби за театар. Ако сите сме едномислени, нема да бидеме креативни. Публика се создава. Публика се едуцира. Публика се почитува. Тоа се моите парадигми. Дојдов да го водам фестивалов, откако дваесет и повеќе години професионално го следев и театарот и фестивалите и во Македонија и надвор. Кога се решив да се зафатам со оваа работа, имав неколку почетни точки: да не стојам на страна и критикувам (како што тоа е обичај во нашава средина), туку да „засучам ракави“ и покажам што знам; да создадам тим кој ќе ме наследи; да создадам база која само ќе се надградува и да внимавам на публиката. Затоа имавме и имаме неколку различни програмски профили наменети за сите возрасти. Почнав од најмладите, две години по ред во Прилеп во соработка со театарот и основните и средните училишта организиравме Едукативни работилници кои беа евалуирани и од Министерството за образование и наука. Тоа покажа дека сме инспиративни, низ Прилеп се отворија едукативни театарски центри. Таа детска и млада публика доаѓа секоја година и станува дел од фестивалот и преку волонтерската програма. Публика се едуцира и со отворање на новите простори, новите програми како што е нашата видео програма, која освен на социјалните медиуми може да се следи и на јутјуб каналот на фестивалот и веб страницата www.mtf.com.mk. И публика се едуцира со носење претстави кои се значајни и актуелни. Театарската публика треба да се почитува. Не може да мислите дека изветреаните концепти и решенија на „прва топка“ ќе донесат публика. Важно е секој театар да си направи сериозна репертоарна политика и да промовира сопствена естетика.

Трн: Што ќе биде најголемиот новитет за изданието во 2025 година? Дали планирате некои програмски изненадувања што ќе ја разбудат јавноста?
Ана: Неколку различни програми ќе бидат новитет на фестивалот. Оваа трета година на мојот мандат, и учесниците и гледачите ме научија дека секогаш одам еден чекор напред. Сега ги планирам и креирам двете изданија и ова и наредното јубилејно, затоа што толку голем јубилеј не се подготвува за неколку месеци. Од промените, ќе имаме една на отворањето (за сега не би сакала да ја откривам, за да може публиката да е љубопитна и да дојде во Прилеп), ќе има промена во концепцијата на тркалезните маси, воведуваме нова програма за афирмација на македонската драма. Ако направам резиме на овие скоро три години може да речам дека многу новини воведовме: еко-фестивал, дигитален формат на каталогот, билтените, брошурите и „survival kit” за сите гости, продажба на билетите онлајн, волонтерска програма, едукативни работилници, работилници за време на фестивалот, театар низ цел град, театар во нетеатарски простори, детска зона, аудио соба, … одржување или реобновување на тркалезните маси, промоција на театарска литература, награда од публика и за мене најважното покрај третманот на домашната драма, промена на односот кон независната сцена. Фестивалот е место за славење на театарот, фестивалот треба да е отворен за нови содржини и креативни средби.
Трн: Колку е објективен процесот на селекција? Дали некогаш сте почувствувале притисок за фаворизирање на одредени претстави или театри?
Ана: Објективен во смисла дека никој не влијае на процесот на селекција, се разбира дека е. Но објективен општо не е, затоа што на фестивал гледаме селекција која е мој избор. Уметничкиот директор е автор на креативната слика на фестивалот. Моето знаење, концептот за фестивалот и големата приказна што сакам да ја раскажам се водители во процесот на селекција. Притисок немам ни како професорка, ни како директорка на фестивалот. Во овие три години не се случило некој да направи притисок за претстава што треба да дојде на фестивал. Се случувало да ме прашаат зошто таа претстава, а не некоја друга, но тоа го објаснувам во експликацијата на селекцијата (ете уште еден новитет што сме го пласирале претходниве години – сериозно објаснета селекција).

Трн: Кој е најголемиот предизвик со кој се соочувате како директорка? Политиката, финансиите, интересот на публиката или нешто сосема друго?
Ана: Техниката и сцените во Прилеп е најголемиот предизвик. Затоа сум од срце благодарна на мојот тим со кој секоја година создаваме чуда во Прилеп. Прилеп заслужува современа и модерна театарска зграда, за да може да се одржува и фестивалот. Предизвик е да се донесат претстави кои потешко се адаптираат на прилепските сцени. Други предизвици се дел од културолошкото наследство, да го наречеме така поблаго, поривот се што е добро дома да биде „озборувано“ и да му се намалува вредноста. Ние сме народ што многу лесно критизира, наместо конструктивно да критикува. Политиката и финансиите се разбира се предизвик, но кога се има разбирање од сите инволвирани страни, тогаш може да се најде решение. Публиката секогаш го сака и поддржува овој фестивал, една од причините зошто толку многу го сакам МТФ „Војдан Чернодрински“ е публиката.
Трн: Кој момент во историјата на фестивалот го сметате за најголем успех? Дали постои претстава што го дефинирала духот на „Војдан Чернодрински“?
Ана: Првото издание кога одлучиле да направат фестивал е првиот момент во историјата на фестивалот што позиционира успешно решение и усогласување на сите театарски уметници кај нас да создадат фестивал. Додека го следев фестивалот, посебно во својата младост, успех беше секое издание кое носеше многу публика, добро избрани претстави и заслужени награди. За мене, најголем успех е публиката и нејзиното перманентно присуство и желбата да се следи театар, а уште поголем ми се децата и младите луѓе кои се постојано со нас. За претстава што го дефинирала духот на фестивалот, мислам дека зависи од повеќе фактори. Лично за мене, тоа се повеќето големи претстави кои оставиле белег низ годините. Ако го дефинираме МТФ „Војдан Чернодрински“ како најстар и најзначаен театарски фестивал во Македонија, тогаш негов заштитен знак треба да се авторски претстави на голема сцена, во која режисерот, актерите, драмскиот автор и секој уметник вклучен во создавањето на претставата посветено ја одработил својата работа и отишол еден чекор понапред во процесот на создавањето претстава. И се разбира, претстави што поместиле и предизвикале начин на работа различен од дотогашниот, како и претстави што инспирирале следни генерации.

Трн: Ако може да се вратите 60 години наназад, што би направиле поинаку за фестивалот?
Ана: Ништо посебно, освен што би ги оставила вистинските театарски уметници и менаџери што го сакале фестивалот, а би ги отстранила тие што земале од фестивалот, а ништо не му дале за возврат. И само би инсистирала добрите директори да останат без да им се мешаат од страна.
Трн: Ако мора да именувате еден македонски автор кој останал незаслужено во сенка, кој би бил тоа?
Ана: Не знам дали е во сенка, сметам дека драмите на прилепскиот автор Благоја Ристески – Платнар треба да се играат многу, многу повеќе. Сметам дека Бранко Пендовски не заслужува да е игран само еднаш во Македонија. Никола Јонков Вапцаров има одлична драма децении пред времето која е изиграна само еднаш.
Трн: Што е поважно за еден директор – да биде добар дипломат или храбар реформатор?
Ана: Двете се истовремено важни. И пред се`, да има визија за тоа што го води/менаџира. Да знае точно што прави, да е професионален и посветен.
Трн: Кој е најголемиот комплимент што сте го добиле во кариерата, а кој најголемиот удар?
Ана: Во однос на фестивалот – дека конечно видовме како треба да изгледа најстариот и најзначајниот театарски фестивал кај нас, посебно највисоките оцени од стручните комисии, големата медиумска покриеност и насмевките во очите на сите соработници и волонтери, тоа ми е најголемиот комплимент. Најголеми удар – мислам дека немаше такво нешто. Можеби одлуката на некои театри во првата година на мојот мандат да не дојдат на фестивал. Иако тоа не го гледав како удар, туку како предизвик за решавање. А најголемиот комплимент како професор го имам добиено од своите студенти кога во евалуационите листови добивам освен највисока оценка и препорака да се клонирам за да предавам повеќе предмети. Како писателка најголем комплимент ми е од повеќето читатели дека пишувам онака како што никој не пишува, а секој сака да го направи тоа. Уште еднаш ќе кажам, не сум од тие што бележат негативности. Сметам дека добрината и убавината ќе го сменат светот. Но, тоа не значи дека постојано носам „розеви очила“.

Трн: И за крај – што би сакале да пишува за вас во историјата на фестивалот „Војдан Чернодрински“?
Ана: Би сакала да оставам печат како се создава современ театарски фестивал, како професионално се третираат учесниците и гостите на фестивалот, почитта кон публиката и тоа што Прилеп стана голема театарска сцена. Би сакала да се напише дека сум инспирирала голем број млади луѓе да сакаат театар и да научат како се создава професионално и театар и фестивал.