Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи во Прилеп. Оптимист сум дека ќе се оспособат салите во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и во Прилепскиот театар, вели за МИА уметничката директорка на Фестивалот Ана Стојаноска.
Пред околу еден месец Инспекторатот при Дирекцијата за заштита и спасување, поради повеќе безбедносни пропусти, ги забрани за приредби, манифестации и претстави салите во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и во Народниот театар „Војдан Чернодрински“.
Стојаноска ги отфрла шпекулациите за одржување на Фестивалот надвор од Прилеп. Вели дека Фестивалот, што е планирано да се одржи од 6 до 13 јуни, ќе се одвива во Прилеп, а покрај салите, секогаш се на располагање се и други алтернативни сцени во градот.
– Подготовките се во тек, ја следиме ситуацијата и во комуникација сме со сите засегнати страни. Сцените ги изнајмуваме во Прилеп. Ја знаете мојата идеја, јас сакам Прилеп да биде град-театар, така што истражувам алтернативни сцени во градот. Ова го нагласувам, зашто слушам разни муабети во однос на тоа каде ќе се случува Фестивалот. Фестивалот ќе се одржи во Прилеп. Се надевам, како што сме научени да биде секоја година, да се средат работите со Центарот за култура „Марко Цепенков“, односно да се задоволат сите законски норми и пропишани барања на Инспекторатот, зашто мене како човек, а и како дел од Фестивалот, пред сѐ, ми се важни безбедноста и сигурноста на организаторите, учесниците и на публиката. Така што, во суштина сметам дека Фестивалот, на еден креативен начин, одговара на секој предизвик. Значи, не се затвораме и не викаме дека нема да има, туку работиме, истакнува Стојаноска.