На 12 ноември (среда), со почеток во 19:30 часот, во галеријата „Драгутин Аврамовски – Гуте“, сместена во Сули ан, дел од Факултетот за ликовни уметности во Скопје, ќе биде отворена самостојната изложба на Ана Спасова, визуелна уметничка и академска графичарка.
Изложбата, под наслов „Spaces in Between | Whispers in the Hollow, Lights of Hope“ („Простори помеѓу / Шепоти во вдлабнатините, светла на надежта“), претставува мултимедијална инсталација што се развива низ четири меѓусебно поврзани фази. Секоја од нив создава сопствен визуелен и емоционален простор, кои заедно градат единствено истражување на човековата чувствителност и духовна тишина.
Инспирирана од мислата на Пикасо дека „уметноста ја ослободува душата од прашината на секојдневието“, Спасова создава визуелна и психолошка студија на човечкиот дух. Преку фотографии, суптилни слепи отпечатоци и материјални интервенции, таа го истражува односот меѓу болката, интимноста и надежта — создавајќи простори помеѓу видливото и невидливото, материјалното и емотивното.
„Во овие ‘простори помеѓу’ Спасова ги отвора темите на болката, сеќавањето и моралната чувствителност, упатувајќи повик кон внатрешна промисла,“ наведува кураторот Гордана Велков.
Изложбата ја истражува кревкоста како сила – кревкост на телото, на материјата и на духот – прикажувајќи дека тишината и светлината можат да бидат подеднакво гласни во својата симболика.
Ана Спасова е родена во 1996 година во Скопје. Дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Катедрата за графика, каде од 2020 година работи како асистентка по графика и трансмедиумски практики. Нејзиното творештво ги спојува графиката, цртежот, фотографијата и инсталацијата, при што визуелните елементи ги комбинира со текст, симболи и лични архетипови.
Уметницата има учествувано на над 60 групни изложби во земјата и странство, и досега има реализирано две самостојни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 2019 година.
Изложбата ќе биде отворена до 20 ноември 2025 година, секој работен ден од 8 до 18 часот. Проектот е реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Факултетот за ликовни уметности – УКИМ.
