Ана Јовковска: Созревам преку книгите што ги пишувам. Секоја книга е авторефлексија!

Ана Јовковска е таков тип на уметница, книжевничка, новинарка, истражувачка, активистка која особено смела е за сѐ кое се залага и вели дека желбата да учи и љубопитството ја тера да истражува постојано нови светови,а сепак една од нејзините најзначајни улоги ја променило најмногу. Во продолжение прочитајте и кои се трите клучни моменти од нејзината кариера која ја профилирале во ова што е денес.

Трн: Ретко имам соговорници како тебе, што би се рекло сестрани. Работиш десетина работи и таа динамика те одржува, ама најсвоја си во пишувањето. Која ти е најголема животна придобивка што си ја стекнала од пишување книги?

Ана: Артикулирањето на сопствениот автентичен глас! Можноста да врескам силно за разни болки и неправди, не само лични, туку и колективни. Чистењето на ѓубрето, општественото, метафоричното…

Трн: Што те натера да работиш неколку работи истовремено или фриленството си го носи тоа само по себе?

Ана: Ова прашање има два одговора и двата се искрени. Првата причина за, би рекла  мултисекторското креативно дивеење (се смее) е внатрешниот порив да освојувам нови простори, нескротливото љубопитство, желбата да учам и потребата од динамика во професијата. Не се снаоѓам добро во зачмаени позиции и со зачмаени духови. Вториот одговор е – егзистенцијата. Во Македонија не можеш достоинствено да живееш само од пишување, не постојат писатели кои се занимаваат исклучиво со тој занает, туку сите имаат и други паралелни професии, ниту пак само од новинарски хонорари, или само од платата на научен истражувач на УКИМ. 

Трн: Кои се централните теми во твојата нова книга „Уметноста на дијалогот“?

Ана:  Централна тема во книгата е човекот и човечкото! Понатаму тоа се раслојува низ разни културолошки теми, идеолошки затвори, книжевни борби, клаустофобија на духот, постпандемискиот свет, технолошкиот кафез, феминизмот, еколошката катастрофа, љубовта…

Трн: Дали работата во Институтот за литература влиајеше на твојот стил на пишување?

Ана: Единствено во обликувањето на научните трудови, стручните текстови. Таму ја стишувам игривоста на јазикот и се предвам на научната аргументација.

Трн: Созреваш ли преку книгите што ги пишуваш?

Ана:  Верувам дека созревам. Секоја книга е авторефлексија!

Трн: Низ годините колку оставаш на случајност или да те носи настанот со ад хок начин на модерирање или секогаш имаш подготвено сценарио?

Ана:  Импровизациите се можни и шармантни само кога имаш темелно и професионално подготвено сценарио. Сè друго е млатење празна слама, празен од, недостаток на содржина, статистика, анализа… Не излегувам на сцена без претходно темелно истражување на проблематиката што ја работам. Не излегувам на јавен настап од каков било тип без десетина страници концепт на хартија.

Фото: Томислав Георгиев

Трн: Кој момент е клучен од твојата кариера?

Ана:  Три точки на пресек би рекла… Прво, во 2007 година, одлуката за авторска емисија, односно започнувањето со тв проектот „Пулс“ кој потоа скоро цела декада се емитуваше во најгледаните „праим-тајм“ термини на две национални телевизии. Храброста да грабнам неколку тикви под една мишка беше клучна. Со „Пулс“, покрај новинарството моја работа беше и продукцискиот дел на емисијата. Втора клучна раскрсница беше напуштањето на телевизијата, медиумот во кој поминав точно 20 години и пробивот со првата книга во издавачкиот свет во 2015 година. Третата раскрсница, пак, беше запишувањето на докторските културолошки студии и вработувањето во Институтот за македонска литература при УКИМ пред две години.    

Трн: Во која од сите работи има најмногу емоции?

Ана: Во пишувањето колумни и раскази.

Трн: Кое ти е најголемо животно искуство и зошто?

Ана: Родителството. Идентитетот на мајка. Моето дете кое веќе седум години ме трансформира.

Трн: Пишуваш и книги за деца, а тоа би се рекло е најблагородното нешто што можеш да го направиш за Алекс и за сите деца на светот. Колку имаш трема од најискрената публика?

Ана: Книжевноста за деца мора да биде прочистена и искрена. Затоа е толку специфична. Затоа што не може да се крие зад маските на стилските фигури и метафори. Бара чиста емоција, има огромна одговорност во педагошката и едукативната улога кај децата. И навистина сметам дека не секој може да пишува книги за деца. Развивањето на емпатијата, поттикнувањето на љубопитноста и критичкото размилсување кај децата е клучно во таа рана возраст. Затоа имам трема и сега, во самиот процес на пишување и подготовка на мојата нова илустрирана книга за деца која треба да излезе на пролет во издание на Едиција Светулка.

Фото: Евгениј Хоуп

Трн: На кое дело си најмногу горда?

Ана: Од седум книги не можам да се одлучам само за една, но ќе пробам со две: „Сакам, значи постојам“ (2019) и „Емотивен талог“(2022), и двете изданија на ТРИ.

Трн: Која револуција ти е најдрага?

Ана: Родителската!

Трн: Со оглед на многуте различни професии, како успеваш да се движиш помеѓу различните улоги како истражувачка, новинарка, активистка, писателка, модераторка, едукаторка? Дали често се испреплетуваат во твојата работа?

Ана: Како по тенка жица од која можеш секој момент да паднеш (се смее). Како акробации на стрес! Некаква адреналинска комбинација што сè уште можам да ја издржам. До кога? – Ќе видиме.

Трн: Дали постојат конкретни проекти или иницијативи поврзани со литература, активизам или литература за деца за кои си особено возбудена или на кои работиш во моментов?

Ана: Неодамна ја завршив трибината на тема „Детска книжевна продукција“ во Културно-информативниот центар во Скопје. Следниот фокус кон литературата за деца ми е новата сликовница што ја работиме заедно со илустраторката Иванка НиБа, за која би сакала да ја надмине читаноста на мојата претходна сликовница „До небото и назад“, којашто се продаде во тираж од 1000 примероци, што е фантастично за македонскиот книжевен пазар. Овој пат пишувам на тема врсничко насилство (булинг), но со различни тематски слоеви за емпатија, попреченост, инклузивност и пред сè пријателство! Многу емоции вложувам во ова дело и верувам дека ќе допре до детските срца, но и до родителите.  

Фото: Томислав Георгиев

Трн: Има ли во Македонија Ghost Writers и дали би прифатила да бидеш некому?

Ана: Не верувам дека има, или можеби јас не сум слушнала. Не би прифатила.

Трн: Со што не правиш никогаш компромис?

Ана:  Со Интегритетот.

Насловна фотографија: Жарко Чулиќ

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни