Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите возила, без оглед на моменталните временски услови. Обврската ќе важи до 15 март 2026 година.
На возачите им се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патните правци низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони. Како критични се издвојуваат делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во зимски режим е и патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица, кој е затворен за сообраќај за сите видови возила од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година.
Поради тековни градежни активности, на повеќе патни правци низ државата е воведена времена измена на режимот на сообраќај, со делумни или целосни затворања, пренасочувања и регулирање со семафори или рачна сигнализација. Од АМСМ апелираат возачите навремено да се информираат и да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци.
