Исланд, земја чија релативно блага клима постои благодарение на стабилните океански струи во Атлантикот, првпат во својата историја прогласи климатски ризик за национална безбедносна закана. Причината е алармантната можност од колапс на Атлантската меридионална циркулација – AMOC, еден од најважните природни системи на планетата.
Министерот за животна средина, енергија и климат, Јохан Пал Јохансон, предупреди дека „климата, економијата и безбедноста на Исланд се нераскинливо врзани со стабилноста на океанските струи околу нас“. Новите научни податоци, презентирани на владата, покажуваат дека овој климатски „конвејер“ кој носи топла вода од југ кон север — забавува на ниво што повеќе не може да се смета за мал веројатен ризик.
AMOC функционира како огромна кружна лента што ја движи топлината низ Атлантикот: топлата вода патува кон север, се лади, тоне и се враќа назад кон југ. Овој процес е клучен за климата на Европа, за нивото на морето, за монсунските системи во Африка и Азија и за биолошките екосистеми во океаните. Негов колапс е сценарио од кое научниците стравуваат со децении.
Изминатите години, истражувањата алармираат дека климатското затоплување и топењето на поларниот мраз ја нарушуваат рамнотежата меѓу температурата и соленоста во океанот, која е неопходна за стабилноста на AMOC. Дел од моделите предвидуваат дека прекинот е можен уште во текот на овој век.
Последиците би биле катастрофални: драстично покачување на морското ниво на источниот брег на САД и делови од Европа; нарушени монсуни и сериозни суши во големи делови од Азија и Африка; екстремно заладување во Европа со можно проширување на арктичкиот мраз кон југ — дури до британските острови.
За Исланд, сценариото е драматично јасно: земјата би можела да се најде опкружена со мраз, со редефинирани временски услови и големи последици врз инфраструктурата, рибарството, транспортот и националната економија. „Ова не е само научна загриженост — станува збор за национален опстанок“, рече министерот Јохансон.
По научниот брифинг од август, Националниот совет за безбедност на Исланд ја класифицираше можната пропаст на AMOC како ризик од највисок приоритет — прва климатска појава што некогаш добила ваков статус во земјата. Овој потег отвора нова фаза: интердисциплинарна, високо координирана државна стратегија за разбирање, подготовка и ублажување на последиците.
Научниците апелираат и другите држави да го следат примерот на Исланд, бидејќи AMOC не познава граници. „Ова е глобален климатски мотор. Ако се урне, ќе биде невозможно да се зборува за локални проблеми — последиците ќе бидат планетарни,“ изјави океанографот Стефан Рамсторф.
Исланд со овој чекор суштински ја менува перцепцијата за климатските ризици. Не се работи повеќе за сценарија на иднината, туку за безбедносна проценка што ги потсетува државите дека промената на климата може да ја редефинира самата идеја за адаптација. „Можеби ќе се соочиме со промена толку длабока што нашето општество нема да може да се прилагоди,“ предупреди министертот Јохансон.
