Како што пренесува Food & Wine, сè повеќе угостители воведуваат помали порции и се фокусираат на протеини, со цел да се намали фрлањето храна и да се одговори на новите навики на потрошувачите.
Нова реалност во американските ресторани
Во некоја од четирите локации на ланецот Clinton Hall во Њујорк, посетителот ќе забележи типична сцена на паб – големи порции начоси, пржени стапчиња моцарела и масивни бургери. Но, покрај нив, на менито се појави новина: „мини оброк“, со бургер помал од дланка и неколку парчиња помфрит во мала чаша.
„Почнав да забележувам како гостите земаат два залака и веќе се чувствуваат сити,“ вели сопственикот Аристотел Хацигеоргиу. „Тоа беше фрустрирачки – не само поради расипаната храна, туку и затоа што немавме понуда која им одговараше. Овој мини-оброк е наш духовит, но практичен одговор на таа промена.“
Сè пошироката употреба на GLP-1 лекови влијае на целото работење – од брзината на вечерните услуги до финансиската одржливост. Гостите јадат и пијат помалку, а тоа го менува начинот на кој рестораните размислуваат за искуството на вечера.
Се менуваат навиките, се менуваат и менијата
Според студија на непрофитната организација RAND, меѓу 10 и 12% од Американците користат GLP-1 лекови, додека уште 14% се заинтересирани. Највисока е употребата кај жените од 50 до 64 години – секоја петта жена во таа група изјавила дека користи ваков лек. Од 2019 година, бројот на корисници на GLP-1 е зголемен за речиси 600%, а се проценува дека до 2030 година оваа индустрија ќе вреди 150 милијарди долари.
Во Тексас, Бенџамин Берг, сопственик на Berg Hospitality Group, забележува пад на нарачките за прилози за околу 30%, а големите групи на гости нарачуваат помалку предјадења. Наместо класичните калорични јадења, како mac & cheese со јастог, тој нуди полесни варијанти – како јастог во бело вино и путер.
„Нашата работа е да им создадеме на гостите прекрасно искуство, но истовремено мораме да ги слушаме нивните потреби,“ вели Берг. „И додека сакате да им понудите нешто луксузно, реалноста е дека тие едноставно не јадат колку порано.“
Појавата на „GLP-1-friendly“ производи
Фармацевтите и нутриционистите советуваат корисниците на GLP-1 лекови да внесуваат повеќе протеини и влакна, што доведе до нов пазарен тренд. Компании како Nestlé и Congara Brands веќе лансираат производи со етикетата „GLP-1 friendly“ – погодни за лица што ги користат овие медикаменти.
GLP-1 е кратенка за glucagon-like peptide 1 – природен хормон кој го регулира нивото на шеќер во крвта, го контролира апетитот и му сигнализира на мозокот дека телото е сито. Лековите како Оземпик го имитираат тоа дејство, а резултатот е намален глад и брзо чувство на заситеност.
Нови предизвици за угостителите
„Некогаш гостите доаѓаа поради храната и пијалоците – сега доаѓаат поради целокупното искуство,“ објаснува Неил Боденхајмер, сопственик на неколку ресторани и барови. Според него, во иднина токму музиката, амбиентот и дизајнот на ентериерот ќе станат клучни фактори за привлекување гости.
Некои угостители со внимание ја следат ситуацијата, свесни дека одобрувањето на таблети со GLP-1 ефект би можело да донесе уште поголема популарност и промени во навиките. „Индустријата ќе мора постепено да се прилагоди – со нови менија, нови димензии на порции и нов пристап кон гастрономијата,“ вели Абрахам Мерчант од Merchants Hospitality.
Боденхајмер, пак, ја изразува својата загриженост:
„Нашата работа е да им донесеме радост на луѓето. Ако еден ден ги погледнам гостите и видам дека никој не ужива во храната што ја создаваме – тогаш не знам дали ќе сакам да продолжам да го правам ова.“
Извор: Index.hr