Американските компании месецов укинале 32.000 работни места

Компаниите во приватниот сектор во САД повторно бележат пад на вработувањето.

Според најновиот месечен извештај на агенцијата за посредување при вработување ADP, во ноември биле укинати 32.000 работни места, што укажува на растечките предизвици со кои се соочуваат американските работодавачи во услови на внимателни потрошувачи и нестабилна макроекономска средина.

Овој пад следува по октомврискиот ревидиран пораст од 47.000 работни места, додека во септември биле изгасени 29.000. Главната економистка на ADP, Нела Ричардсон, изјави дека „вработувањето во последниот период осцилира, бидејќи работодавачите се обидуваат да се приспособат на внимателните потрошувачи и на неизвесните економски услови“.

ADP забележува дека во втората половина од годината трендот на вработување стагнира, а растот на платите се забавува. Во ноември, работни места укинале компании од различни сектори, но најизразено тоа се почувствувало кај малите претпријатија, кои се најранливи на пазарните промени.

Секторите информирање, професионални и деловни услуги, производството и градежништвото предводат со бројот на изгубени работни позиции. Наспроти тоа, зголемена вработеност е забележана во образованието и здравството, угостителството, природните ресурси и рударството.

Извештајот на ADP се изработува во соработка со истражувачите од Stanford Digital Economy Lab, но честопати се разликува од официјалните податоци на американското Министерство за труд, поради разлики во методологијата и ограничениот опфат. ADP ги анализира податоците само од компаниите што ја користат нивната услуга за обработка на плати, па затоа извештајот не е целосно репрезентативен за државата.

Американското Министерство за труд ќе ги објави официјалните податоци за вработувањето во октомври и ноември дури средината на месецот, поради шестнеделната блокада на федералната влада што го одложи статистичкиот календар.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни