Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, изјави дека бурната царинска политика на претседателот Доналд Трамп, која ја потресува глобалната економија, е средство за создавање „стратешка неизвесност“ со цел да се даде предност на Америка.
Од враќањето на претседателската функција во јануари, Трамп воведе царини од најмалку десет проценти на повеќето трговски партнери на САД и посебна дополнителна тарифа од 145 проценти на поголемиот дел од кинеската стока која влегува во САД.
Пекинг возврати со воведување свои царини од 125 проценти на американски производи.
„Во теоријата на игрите зборуваме за стратешка неизвесност, што значи дека не ќе кажете на личноста од другата страна на преговорите каде ќе завршите“, изјави Бесент за американската телевизиска мрежа Еј Би Си (ABC).
Бесент додаде дека никој не е во подобра позиција од претседателот Трамп да создаде таква предност.
Многу поголеми царински мерки може да стапат на сила во јули, по одложувањето кое го најави Трамп.
На прашањето за напредокот на трговските преговори на Трамповата администрација со земјите погодени од царини, Бесент избегна директен одговор, велејќи само дека некои преговори „напредуваат многу добро, особено со азиските земји“.
За сега, Вашингтон дава приоритет на разговорите со земјите-сојузници како што се Јапонија, Јужна Кореја и Швајцарија.