Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, денеска изјави дека нема војна против Венецуела и нејзиниот народ, ниту окупација на земјата. Тој прецизираше дека апсењето на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга на 3 јануари во Каракас било „операција за спроведување на законот“ по обвиненија за нарко-тероризам, поседување оружје и заговор против САД.
Волц најави дека голем број докази за нивните злосторства ќе бидат јавно претставени во судскиот процес. Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп дал шанса за дипломатија и повеќепати понудил на Мадуро да се повлече, но тој одбил. Волц нагласи дека САД ќе продолжат со активности за заштита на Американците од нарко-тероризам и за обезбедување мир, слобода и правда за народот на Венецуела.
Од друга страна, заменик претставникот на Кина во ОН, Сун Леј, изрази длабоко шокираност и силна осуда на едностраните и незаконски постапки на САД. „Бараме САД да го сменат курсот, да престанат со присилни практики и да изградат односи со земјите од регионот врз основа на меѓусебно почитување, еднаквост и непмешување во меѓународни работи“, порача кинескиот дипломат.
Постојаниот претставник на Русија, Василиј Небензја, исто така го осуди „актот на вооружена агресија“ против Венецуела. „Нема оправдување за злосторствата кои цинично ги извршиле САД во Каракас. Силно го осудуваме овој акт на вооружена агресија и кршење на сите меѓународни правни норми“, рече Небензја, повикувајќи на ослободување на Мадуро и неговата сопруга.
Додека траеше седницата на Советот за безбедност на ОН посветена на Венецуела, Мадуро требаше да биде изведен пред суд во Њујорк за да се изјасни по обвиненијата за нарко-тероризам, поседување оружје и заговор против САД.
