Американски воен авион се урна во Ирак: загинаа четворица војници, Иран тврди дека е соборен со ракети

Четворица од шесте членови на екипажот на американски воен авион за дополнување гориво во воздух, од типот KC-135, загинаа откако леталото се урна во западен Ирак, додека потрагата по преостанатите две лица сè уште трае, соопшти американската војска.

Во меѓувреме, Иран тврди дека авионот не се урнал во несреќа, туку дека бил соборен со ракети испукани од проирански „фракции на отпорот“.

Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека авионот бил изгубен за време на операцијата „Epic Fury“, името што Вашингтон го користи за тековните воени операции против Иран, и дека инцидентот се случил во „пријателски воздушен простор“.

Според американската верзија на настаните, во инцидентот биле вклучени два авиона. Едниот се урнал во западен Ирак, додека вториот безбедно слетал. CENTCOM нагласи дека причината не била ниту непријателски напад ниту „пријателски оган“, а спасувачките операции се во тек.

„Инцидентот се случи во пријателски воздушен простор за време на операцијата ‘Epic Fury’, а спасувачките операции се во тек“, се наведува во соопштението на CENTCOM.

Иран: Авионот е погоден со ракети од „фракциите на отпорот“

Спротивно на тоа, Иран во петокот тврди дека американскиот авион за дополнување гориво бил соборен во западен Ирак и дека, според таа верзија, загинал целиот екипаж.

Иранската државна телевизија, повикувајќи се на портпарол на воениот штаб „Хатам ал-Анбија“, поврзан со Иранската револуционерна гарда (IRGC), соопшти дека авионот бил погоден со ракети испукани од „фракциите на отпорот“, по што се урнал.

Според тој извештај, станува збор за авион на американската војска, а сите членови на екипажот загинале.

Подрачје под влијание на проирански групи

Западниот пустински дел на Ирак, иако претежно ненаселен, е подрачје каде што дејствуваат бројни проирански шиитски милиции и во последните месеци беше цел на повеќекратни американски и израелски напади.

Од почетокот на заедничката американско-израелска офанзива против Иран на 28 февруари, проиранските групи ги засилија нападите врз бази и објекти каде што се распоредени странски сили во рамките на меѓународната коалиција против џихадистички групи.

Според американските податоци, ова е четврти американски авион изгубен од почетокот на војната. Претходно овој месец три американски борбени авиони беа соборени по грешка во инцидент со „пријателски оган“, кога ги погодила кувајтската противвоздушна одбрана, но тогаш сите членови на екипажите успеале да се катапултираат и да преживеат.

Според достапните информации, од почетокот на конфликтот загинале 11 американски војници, а околу 150 се ранети. Во Иран, според иранскиот амбасадор во Обединетите нации, бројот на загинати надминал 1.300.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни