Американски суд нареди објавување на транскриптите од големата порота во случаите против Џефри Епстајн и Гислејн Максвел

Федералниот судија во Флорида донесе одлука да се објават транскриптите од седниците на големата порота од федералните истраги против осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн и неговата соработничка Гислејн Максвел, поврзани со трговија со луѓе за сексуална експлоатација.

Судијата Родни Смит оцени дека новиот федерален закон, „Законот за транспарентност на досиејата Епстин“, кој претседателот Доналд Трамп го потпиша минатиот месец ги поништува дотогашните правила за тајност на работата на големата порота. Со тоа се отвора патот за објавување материјали што традиционално биле недостапни за јавноста.

Законот ги обврзува Министерството за правда, ФБИ и федералните обвинители до 19 декември да објават голем дел од документите собрани во истрагите против Епстајн.

Министерството за правда побара од судот дозвола за објавување материјали од три случаи: истрагата на големата порота во Флорида (2006–2007), случајот за сексуална трговија во Њујорк од 2019 година, како и случајот против Гислејн Максвел од 2021 година.

Барањето за случаите од Флорида денес е одобрено, додека барањата за Њујорк сè уште се разгледуваат. Министерството мора до понеделник да поднесе конечен поднесок, во кој ќе одговори на аргументите на жртвите, наследниците на Епстин и правниот тим на Максвел.

Судиите најавуваат дека одлуките ќе бидат донесени брзо, со оглед на роковите и јавниот интерес што го следи овој случај.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни