Најмалку 32 кубански државјани загинале за време на американскиот воен напад врз Венецуела, соопшти денеска кубанското претседателство, јави американската телевизија CNBC.
Според официјалното соопштение, жртвите биле ангажирани во мисија во име на кубанските вооружени сили и Министерството за внатрешни работи на Куба. Информацијата беше објавена преку официјалните канали на кубанската влада.
Нападот се случи во саботата, кога американските сили го уапсија претседателот на Венецуела Николас Мадуро и го префрлиле во Њујорк. Според првичните извештаи, во операцијата загинал и значителен дел од безбедносниот тим на Мадуро.
Во соопштението од Хавана се наведува дека загинатите „ја исполниле својата должност достоинствено и херојски“, додавајќи дека тие настрадале „по жесток отпор, во директна борба со напаѓачите“.
Кубанските власти остро ја осудија американската воена акција, оценувајќи ја како „криминален чин на агресија и државен тероризам“. Воедно беше најавено дека државата ќе им оддаде официјална почит на загинатите кубански државјани.
Американските власти засега не се огласија со официјален коментар за наводите за загинати кубански државјани, додека меѓународната заедница внимателно ги следи последиците од операцијата, која веќе предизвика остри реакции и тензии во регионот.
