Ашер Ваткинс (52), милионер и страствен ловец на трофеи од Тексас, загина на 3 август додека бил во лов на диви животни во провинцијата Лимпопо, Јужна Африка.
Според официјалните информации, Ваткинс бил усмртен од бивол од видот „кафрски бивол“, животно познато по својата непредвидливост и агресивност, кое локално е нарекувано „Црната смрт“.
Ваткинс, кој дипломирал на Универзитетот Бејлор и го стекнал своето богатство во бизнисот со ранч недвижности, бил познат по објавување фотографии со ловечки трофеи на социјалните мрежи. Неговите објави обично добивале мал број реакции, но по трагичниот настан, страницата доби зголемено внимание, особено од луѓе кои го критикуваат трофејниот лов и го нарекуваат настанот „карма“.
Според организаторите на сафари-експедицијата, Coenraad Vermaak Safaris, Ваткинс бил во друштво на професионален ловец и водич кога биволот тежок 1.3 тони изведе изненадувачки напад, движејќи се со брзина до 55 километри на час. Животното, кое не било повредено и не покажувало претходна агресија, директно го нападнало Ваткинс и го усмртило на лице место.
„Ова е разорувачки настан и изразуваме длабоко сочувство до неговото семејство и најблиски во ова исклучително тешко време,“ соопштија од CV Safaris.
Во моментот на нападот, неговата мајка, очув и брат се наоѓале во ловечкиот дом. Неговата поранешна сопруга и тинејџерска ќерка биле информирани подоцна, а поранешната сопруга ја потврди веста на социјалните мрежи, опишувајќи ја трагедијата како „реалност која сè уште е тешко да се опише со зборови.“
На официјалната веб-страница на компанијата се наведуваат предупредувања за опасностите од лов на кафрски бивол, кој секоја година е одговорен за сериозни повреди и смртни случаи. Случајот со Ваткинс, велат од компанијата, само ја потврдува природата на ваквите активности – каде што во секој момент ловецот може да стане плен.
Извор: Vice