Два празни танкери кои денеска се упатиле кон Ормуски теснец се вратиле назад откако било објавено дека преговорите меѓу Соединети Американски Држави и Иран завршиле без долгорочен мировен договор. Според податоци на компанијата за следење бродови Vortex, едниот танкер поврзан со Пакистан се повлекол и во моментов чека непосредно пред влезот во теснецот.
Шефицата за анализа на европскиот пазар во Vortex, Памела Мунгер, изјави дека движењето на бродовите покажува оти контролата врз теснецот „и натаму во голема мера е во рацете на Иран“.
Намален сообраќај и зголемена неизвесност
Мунгер додаде дека во изминатите денови само неколку бродови поминале низ теснецот, што укажува дека многу бродски компании сè уште го сметаат овој клучен поморски пат за небезбеден.
Според достапните информации еден празен неирански танкер поминал низ теснецот претходниот ден,три танкери со сурова нафта поминале меѓу петок и сабота, а еден брод транспортирал течен нафтен гас.
Трамп најави блокада
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека американската морнарица ќе започне со блокада на сите бродови што се обидуваат да влезат или излезат од Ормускиот теснец.
Целта на оваа мерка, според Вашингтон, е да се ограничи влијанието на Иран врз овој стратешки важен поморски коридор, кој има клучна улога во глобалниот извоз на нафта.
И покрај кревкото примирје меѓу САД и Иран, ситуацијата во регионот останува напната. Намалениот број на бродови што се осмелуваат да поминат низ теснецот укажува на сериозна загриженост во меѓународната трговија и транспорт.