Конгресменот Ренди Фајн, републиканец од Флорида, претстави предлог-закон со кој Гренланд би станал 51-та сојузна држава на САД.
Целосното име на актот е „Закон за анексија и државност на Гренланд“, кој Фајн го претстави по неодамнешните најави на претседателот Доналд Трамп дека има намера да ја преземе оваа данска територија.
Според текстот, целите на предлог-законот вклучуваат овозможување „анексија и последователен прием на Гренланд во статус на сојузна држава“, соопшти кабинетот на Фајн.
„Гренланд не е далечна испостава што можеме да си дозволиме да ја игнорираме — тој е од витално значење за националната безбедност“, изјави Фајн за медиумите.
Кој и да го контролира Гренланд, нагласи тој, ги контролира клучните арктички поморски патишта и безбедносната архитектура што ги штити САД.
„Америка не смее да ја остави таа иднина во рацете на режими што ги презираат нашите вредности и се стремат да ја поткопаат нашата безбедност“, додаде Фајн.
Во предлог-законот се наведува дека претседателот Трамп е „овластен да преземе чекори што може да бидат неопходни, вклучително и настојување да започне преговори со Кралството Данска, со цел да го анектира или на друг начин да го направи Гренланд територија на САД“.
Откако, според законот, САД ќе станат сопственик на Гренланд, Трамп мора да достави извештај до Конгресот кој ќе содржи можни измени на федералните закони „кои претседателот може да ги оцени како неопходни за прием на новостекнатата територија во статус на сојузна држава“.
Портпаролка на Белата куќа: Претседателот беше многу јасен
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, денес изјави дека не постои „временска рамка“ за преземање на Гренланд од страна на САД.
„(Претседателот Трамп) не одреди временски рок, но ова дефинитивно е приоритет за него“, им рече Ливит на новинарите.
Таа додаде дека претседателот бил „многу јасен“ во своето обраќање синоќа.
„Тој рече дека сака да види како САД го купуваат Гренланд, бидејќи смета дека, ако тоа не го направиме, на крајот ќе го преземат или дури и насилно ќе го заземат Кина или Русија.“
Во неделата, сенаторот Крис Марфи (демократ од Конектикат) изјави дека евентуален потег на САД да го преземат Гренланд со сила би значел крај на НАТО.
„Тоа би бил крајот на НАТО“, рече Марфи за NBC, одговарајќи на прашање што би се случило доколку САД продолжат со таква акција.
Минатата година, републикански пратеници во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес побараа поддршка за предлог-закон со кој би се одобриле разговори за купување на Гренланд.
